Ракометната Супер-лига во следната сезона ќе брои 14 екипи, откако клубовите на денешниот состанок во просториите на РФМ дадоа зелено светло за вакво привремено проширување на елитното друштво, за од сезоната 2020/21 повторно бројот на екипи да се врати на десет.
Обидот на раководството на РФМ експресно да ги вклучи Вардар и Пелистер во елитата не вроди со плод, па токму затоа наместо планираните 16, во Супер-лигата ќе се натпреваруваат 14 екипи. Покрај десетте екипи кои и сезонава беа дел од овој ранг на натпреварување (нема испаѓање), тука ќе бидат уште и најдобрите две екипи од двете Први лиги (Астарион, Тиквеш, Прилеп и КЛ7). Воедно, се најавува дека Вардар и Металург се согласиле вторите екипи да не се натпреваруваат во Супер-лигата, а нивните места ќе им припаднат на третопласираните прволигашки тимови, Јуниор Кисела Вода и Младост Богданци.
Како што веќе беше најавено, Супер-лигата ќе биде поделена на две групи од по седум екипи, од кои најдобрите три од секоја група ќе се пласираат во плејофот (таму ќе им се приклучат Вардар и Пелистер), а останатите осум ќе разигруваат за опстанок. Притоа, само победникот на плејаут лигата сигурно ќе обезбеди опстанок, второпласираната екипа ќе игра бараж со победникот на Првата лига, а сите останати екипи ќе испаднат во понизок ранг на натпреварување за сезоната 2021/2022.
Веќе е договорено од септември 2021 во Супер-лигата да се вклучат и Вардар и Пелистер (вкупно десет екипи), тогаш ќе се играат 18 кола, по што најдобрите шест ќе разигруваат за титула, а преостанатите четири за опстанок. Последниот тим ќе испадне автоматски во понизок ранг, а претпоследниот ќе разигрува за опстанок во бараж со второпласираниот тим од Првата лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА