Клубовите тријат раце: Три македонски екипи ќе добијат по 55.000 евра за ЕВРО 2020

Учеството на ЕВРО 2020 носи финансиски бенефит за националните федерации, но и за клубовите кои имаат свои играчи  кои се дел од овој континентален собир. УЕФА има наменето 200 милиони евра за помош на клубовите кои даваат фудбалери на репрезентациите учеснички, меѓу нив од ЕВРО 2020 ќе се „офајдат“ и три македонски прволигаши, Шкендија, Работнички и Академија Пандев.

Ова се клубовите кои даваат по еден репрезентативец во нашиот национален тим, голманот Јанков кај Работнички, дефанзивецот Бејтулаи кај Шкендија и напаѓачот Радески од Академија Пандев, и кои ќе добијат мал дел од „колачот“ од УЕФА, но сосема значителна сума со оглед на минималните буџети на македонските клубови во однос на европската елита.

УЕФА донела одлука за категоризација на клубовите во три групи, при што оние најдобрите ќе добиваат по 7.231 евро за секој ден што фудбалерот го минува како дел од ЕВРО 2020. Во втората категорија клубовите ќе заработат по 4.821 евро, а во третата, во која се наоѓат и македонските екипи, по 2.410 евра дневно, без разлика дали фудбалерот ќе настапи на некој од натпреварите или ќе остане на клупата за резерви. Притоа, европската куќа на фудбалот објави дека ќе се бројат и 14-те дена пред првиот меч што селекцијата ќе го игра на ЕВРО 2020 како подготовки за шампионатот.

Секоја селекција ќе мине девет дена во групната фаза, што заедно со оние 14 дена подготовки дава вкупно 23 „дневници“ за клубовите кои ги ослободуваат фудбалерите. Во случајот на македонските клубови, станува збор за сума од нешто повеќе од 55.000 евра што им се загарантирани на трите прволигаши со самото учество на Јанков, Бејтулаи и Радески на ЕВРО 2020.

Доколку репрезентацијата се пласира во осминафиналето на ЕВРО 2020, „премијата за клубовите“ ќе изнесува по 72.000 евра, пласманот во четвртфиналето би значел зголемување на сумата на 84.000 евра…

Се вчитува...