Кошаркарите на Индијана Пејсерс ја победија Оклахома со 116-107 во третиот натпревар, и сега поведоа со 2-1 во финалната серија на НБА плејофот.
Пејсерс за прв пат беа домаќини, испраќајќи силна порака до лидерот од регуларниот дел во лигата, дека се зрели за првата шампионска титула.
Клучот за триумфот на Индијана овој пат беше клупата, која ја донесе предноста на страната на тимот на Рик Карлајл. Резервите на домашниот тим постигнаа 49 поени, а оние од Оклахома постигнаа само осум.
Бенедикт Матурин го предводеше тимот од клупата со 27 поени, по што следеше сеприсутниот Ти-Џеј Меконел со 10 поени, пет асистенции и пет скока.
Цело време, тонот на играта го поставуваше првиот меѓу еднаквите, Тајрис Халибартон, кој го заврши натпреварот со 22 поени, девет скока и 11 асистенции.
МВП на финалната серија на Истокот, Паскал Сиакам, беше трет најдобар стрелец на тимот со 21 поен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

