Македонскиот футсал првак КМФ Велес ја оствари дебитанската победа на европската сцена, совладувајќи го тимот на Наас Футсамба од Ирска со убедливи 10-3, во првото коло од претквалификацискиот турнир во Лигата на шампионите. Во малата сала во СЦ „Јане Сандански“, велешани демонстрираа многу повеќе од футсал вештините и до врв ја наполнија мрежата на ирскиот тим.
КМФ Велес на полувремето веќе водеше со 4-1. Димче Андов ги постигна првите два гола, следеше и погодокот на Дарко Ранготов, а до крајот на првиот дел погоди и Александар Глигоров. За составот на Наас Футсамба во листата на стрелците се запиша Кристијан Станкута.
Вториот дел се покажа уште поефикасен, следеше ревија од голови. Ирците намалија на 4-2 повторно преку Ставкута, Антонио Петровски зголеми на 5-2, а потоа Дарко Ранготов го постигна својот втор гол. Во завршницата, КМФ Велес беше навистина разигран.
Димче Андов дојде до хет – трик, два гола постигна Мартин Тодоровски, а и Јакуп Рамадан се запиша меѓу стрелците, за конечни и мошне убедливи 10-3.
Победникот од претквалификациската група Е ќе се пласира во главната фаза, на турнирот кој ќе се одржи во Словачка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА