Јапонецот Рјоју Кобајаши е на чекор до триумф на турнејата „Четири скокалници“ откако триумфираше и на третото натпреварување во австрискиот Инсбрук. Беше одличен во првата серија во која имаше скок од 136 метри, а победата ја комплетираше со должината од 131 метар во втората сесија.
Кобајаши во поредокот за турнејата му побегна на најблискиот конкурент, Маркус Ајзенбихлер на бодовна дистанца која му овозможува комотна позиција во пресрет на завршното натпреварување во Бишофсхофен. Германецот денеска беше дури тринаесетти.
Домашната публика ја израдува Штефан Крафт кој заврши на второто место, додека скокови за третата позиција имаше Норвежанецот Андреас Стјернен.
За Кобајаши ова беше седма победа сезонава и покрај на турнејата тој е и сигурен лидер во генералниот поредок за Светскиот куп. Последното натпреварување е в недела во Бишофсхофен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА