Македонија со пораз го заврши настапот на СП 2021 во ЕГипет откако нашиот национален тим загуби од Белорусија со резултат 30-26. Нашите ракометари 40 минути целосно му парираа на противникот, но падот во концентрација во периодот од 41. до 50. минута беше скапо платен, Белорусија поведоа со „плус пет“ и на крајот стигнаа до победата. За Македонија ова е прв едноцифрен пораз на мундијалот, по што нашата репрезентација го освои последното место во својата група од главната фаза.
Македонија беше подобар противник во првото полувреме, во кое нашите ракометари го диктираа темпото на игра. Стоилов донесе водство од 4-3 стрелајќи прецизно во празната мрежа, потоа Мартин Поповски погоди за 5-3, по што избраниците на Брестовац го контролираа резултатот до крајот на полувремето. Штета што на одмор не заминавме и со предност, бидејќи Белорусите израмнија во својот последен напад, за противничкиот голман на спротивната страна да го запре ударот на Лазаров (14-14 полувреме).
Вториот дел донесе два брзи гола на Кулеш и водство на противникот од 14-16, но само три минути подоцна Македонија израмни на 17-17 со голот и аситенцијата (до Стоилов) на капитенот Кире Лазаров. Не дозволивме противникот посериозно да се одлепи, Кузмановски во 41. минута беше прецизен за израмнување на 20-20, но истиот ракометар веќе во следниот напад заработи исклучување. Белорусите знаеја како да ја искористат оваа предност, па по двете промашувања на Мишевски при нашите напади противникот стигна и до најубедливи на мечот „плус три“ (23-20).
Во следниот напад непрецизен беше и Талески, противникот пак реализираше, а Брестовац при „минус четири“ (24-20) побара тајмаут во обид да ја запре серијата на Белорусија. По тајмаутот тргнавме „седум на шест“, и тоа со Лазаров на среден и Серафимов на десен бек. Ваквата тактика вроди со плод, Пешевски реализираше на асистенција на Серафимов, воедно и изнудивме грешка на противникот во обид за гол од половина. Сепак, во следните три напади со играч повеќе не упеавме да реализираме, Белорусите поведоа со 26-21 и го решија прашањето на победникот.
Белорусија имаше најубедливи 29-23, но ја намаливме оваа негатива по двете асистенции на Лазаров до крилата Кузманоски и Костески, за на крајот овој меч да заврши со конечни 30-26.
Кире Лазаров беше одличен во македонскиот национален тим постигнувајќи седум погодоци, по четири гола постигна Кузмановски и Пешевскси, а по двата прецизни беа Костески, Поповски, Цветан Кузманоски и Стоилов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА