Кочани обединето како никогаш досега. Кошаркарскиот клуб „Баскет Дино“ од Кочани, во годината на одбележување на својот 21-ви роденден, организираше хуманитарен спортски настан во чест на сите настрадани во ужасната трагедија која го потресе градот. Настан испратен со болка, тага, огромна жал кој единствено демонстрираше дека Кочани сега живее во едно срце.
Во чест на сите 62 настрадани во ужасната трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани, меѓу кои и двајца кошаркари на клубот, а која Македонија како своја рана никогаш нема да ја заборави, во преполната спортска сала „Сашо Лазарев – Чапо“ беше одржан хуманитарен кошаркарски натпревар организиран од КК Баскет Дино.
Како никогаш досега преполната сала ги поздрави актуелните кошаркари од Кочани, но и македонските кошаркарски легенди како Јорданчо Давитков, Борис Нешовиќ, Дарко Соколов, Заревски, Ситновски, Диванисов… кои обединети преку спортот, љубовта и спомените, дадоа почит на загинатите но и силна поддршка на семејствата. Сите средства собрани од продажбата на билетите за хуманитарниот меч беа донирани на семејствата на настраданите. А, секој билет беше многу повеќе од влез – туку порака на сочувство, солидарност и љубов.
„Благодарам на сите што дојдоа и сплотени сите заедно бевме дел од овој тажен ден. Навистина не очекував толку народ во спортската сала, кога влегов и ја видов салата преполна до последно место ми потекоа солзи и само едно сакав – да беше и мојот татко. Иницијативата што започна како тивка мисла, денес стана доказ дека кога луѓето ќе се сплотат – ништо не е недостижно. Кочани уште еднаш покажа дека знае да чува, да почитува и да гради заедно. Благодарам и на тие што не можеа да дојдат а донираа средства. Благодарам на сите што беа дел од оваа вечер – на терен, во организацијата, на трибините, зад сцената… Секој со своето присуство, со своето дело, со своето срце. Благодарам и до сите кошаркари кои настапија и дадоа почит на загинатите и повредени. Дел од повредените беа во салата и едно огромно благодарам до Мирче, Ѕмбов, Кире …кои дојдоа во спортската сала и ги бодреа своите соиграчи“ – вели иницијаторот на овој настан, кошаркарот Дино Лазарев, и син на легендата на кошарката во Кочани, Сашо Лазарев – Чапо.

„Салата не беше само полна туку токму во оваа сала имаше емоции, чуства… Над 1.200 луѓе – секој со емоција, секој со спомен, секој со подадена рака. Нема збор што може да го опише тоа чувство кога ќе погледнеш наоколу и ќе сфатиш дека си опкружен со љубов, со заедништво, со нешто што одамна не сме го почувствувале вака силно и сум премногу благодарен на вас. Ова беше повеќе од натпревар – беше животна лекција дека човечноста сè уште постои и ќе постои. Благодарам до сите бивши кошаркари, Нешовиќ, Соколов, Заревски, Ситновски, Диванисов, Давитков… што застанаа на полувремето каде што тоа не беше само момент за почит, тоа беше време каде играа кошарка во најдобрите времињ на Кочани, што не се враќа, но се слави и останува засекогаш. Ви благодарам што уште еднаш застанавте пред Кочани како што некогаш стоевте на терен – со срце. И најдлабока, најискрена благодарност – до мојот татко, Сашо Лазарев – Чапо. Основачот на Баскет Дино. Човекот што не создаваше само играчи – туку луѓе. Тој беше татко на клубот, но и втора татковска фигура за многумина. Поминаа генерации низ неговите тренинзи, низ неговата топлина, низ неговата строгост полна со љубов. Овој клуб е неговиот аманет. Оваа вечер беше и за него. Јас сум само неговиот син, горд што можев да ја продолжам оваа приказна. Оваа вечер беше доказ дека Кочани знае да се обедини. Дека Кочани има душа. Дека кога ќе се сплотиме – можеме сè. Тато ти благодарам што ме научи да бидам голем човек, а сега со Петар Ивановски и Александар Карадакоски дружете се, играјте кошарка и бидете заедно како што бевте и овде. Ви благодарам“ – порача Дино Лазарев во своето емотивно обраќање до сите свои сограѓани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА








