Ѓорѓи Кочов е свесен дека за победа на денешниот втор меч од финалната серија против Работнички (20 часот, СЦ „Јане Сандански), неопходно ќе биде МЗТ Скопје да одигра во исто ниво во текот на сите 40 минути, да нема пад во самиот финиш како што тоа беше случај на премиерниот дуел во „Градски парк“.
„Едно е сигурно, за да се победи тим како Работнички не смее да има преголеми осцилации. Ние на првиот меч игравме добри 30-35 минути, но се беше попусто кога не одговоривме на предизвикот во самиот финиш. Тоа јасно им го кажав на кошаркарите, мораме да бидеме максимално фокусирани во текот на целиот меч, покажавме дека имаме квалитет, но мораме да го одржуваме нивото на игра од почеток до крај. Друга работа – не може да се добие Работнички ако само двајца до тројца играчи се расположени и влезат во ритам, а останатите играат само епизодна улога. Очекувам сите кои ќе настапат денеска да дадат свој максимален придонес, за на крајот да се радуваме на победата“ – изјави стратегот на МЗТ Скопје пред денешниот втор натпревар.
Тој уште еднаш потенцира дека ќе мора да се игра многу подобро во одбраната, а како цел зацртува да се спушти тимот на Работнички под 80 постигнати поени.
„Мислам дека ако одиграме одбрана под 80 примени поени, ќе победиме на крајот бидејќи офанзивно сме доволно добри за да ја надминеме оваа граница. Ќе мора да дадеме се од себе, да внимаваме и во нападот бидејќи Работнички постигна лесни поени при наши грешки во финишот од првиот меч, нешто што не смее да ни се повтори. Исто така, очекувам да одиграме многу побрзо во транзиција одбрана – напад, дел од играта за која знам дека можеме да функционираме многу подобро“ – истакна Кочов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА