МЗТ Скопје Аеродром ја почнува одисејата во АБА 2 лигата, со надеж и амбиции дека ќе се врати во елитното јадранско натпреварување. Утревечер на гости во „Јане Сандански“ гостува Хелиос, а тренерот Ѓорѓи Кочов и директорот Тони Грнчаров ги искажаа своите очекувања за претстојната сезона.
„Презадоволен сум од тоа каква екипа составивме, го задржавме костурот од лани и правиме континуитет во работата. Додадовме четворица странци, за нив најважно ми беше каков карактер имаат. Задоволен сум од она што го одработивме во подготовките, имаме добри услови за работа, речиси на ниво на Евролига и оваа екипа треба да се стреми да гледа во тој правец“, изјави тренерот Ѓорѓи Кочов.
Тој смета дека конкуренцијата во АБА 2 лигата ќе биде жестока и воопшто не е за потценување.
„Сакам да кажам дека АБА 2 не е за потценување, се игра на високо ниво, има 4-5 екипи кои можат слободно да играат во АБА. Не чека тешка битка, два фронта, но имаме ростер за тоа. МЗТ оваа година преземе ризик и да вади играчи и да брка резултат. Хендикеп овој период ни беше што бевме без репрезентативците. Но, моравме да ги ослободиме. Бевме коректни и ги пуштивме многу порано. Свесни сме дека тие мора да бидат во репрезентацијата“, истакна стратегот на МЗТ Скопје Аеродром.
Директорот Тони Грнчаров вели дека клубот направил селекција на кошаркари кои подолг период ќе играат заедно.
„Мислам дека имаме екипа спој на младост и искуство која ќе игра брзо и агресивно и да се направи база како МЗТ ќе игра во иднина. Поискусните треба да ја носат екипата, а имаме млади играчи кои имаат 17 и 18 години, тие се иднината, ќе вложуваме во нив, тие се иднината на македонската кошарка, и дел од странците се помлади. На овој начин имаме екипа киоја ќе игра брзо и фајтерски, поголемиот дел играчи имаат повеќегодишни договори, со ова сакаме да имаме база за развој, не сакаме секоја година да правиме нова екипа. Како тим секогаш имаме високи цели“, изјави директорот Тони Грнчаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА