Кочов: Оние што предвреме го отпишаа МЗТ – згрешија

Ѓорѓи Кочов имаше одлично деби на клупата на МЗТ Скопје, откако актуелниот шампион славеше со 66-75 на гостувањето против Блокотехна. Против себе имаше ривал од кого „металците“ веќе загубија два пати во текот на првиот дел од сезоната, но младиот стратег одлично го подготви својот тим и на крајот заслужено се радуваше на победата.

„Морам да бидам задоволен бидејќи одигравме онака како што посакувавме – максимално ангажирано и во нападот и во одбраната. Играчите ја добија неопходната слобода во играта, а возвратија со огромна сериозност и исполнување на сите тактички замисли. Против себе имавме квалитетен ривал, но одигравме одлично и заслужено победивме. Очекувам во ист стил да продолжиме и на следните натпревари и да им покажеме на сите оние кои предвреме го отпишаа МЗТ дека погрешиле“ – изјави Кочов.

Тој е задоволен од она што го прикажа Андрија Бојиќ, кој одигра одлично во клучните моменти, завршувајќи го натпреварот со 11 поени и девет скокови.

Не сум изненаден бидејќи знам дека Бојиќ е одличен кошаркар, ги следевме неговите настапи од претходниот дел од сезоната и знаевме дека носиме квалитетно засилување“ – го пофали Кочов најновиот член на „сино-белите“.

Пресудна сепак беше одбраната, која одлично си ја заврши работата запирајќи го вообичаено беспрекорниот офанзивен тим на Блокотехна на само 66 постигнати поени.

„Одигравме онака како што посакував, максимално агресивно. Се договоривме да им оставиме на домаќините повеќе удари за три поени и да внимаваме на рекетот, таквиот пристап вроди со плод и дојдовме до победата што толку многу ја посакувавме“ – истакнува новиот стратег на МЗТ Скопје.

Се вчитува...