Стратегот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, не го криеше разочарувањето од настапот на својот тим на гостувањето против Блокотехна, откако „металците“ загубија во Гевгелија и резултатот беше израмнет на 1-1 во победи пред утрешниот трет меч во СЦ „Јане Сандански“.
„Искрено сум разочаран од начинот на кој игравме. Не стануваше збор за тактичко изненадување, туку едноставно за многу лош пристап од страна на МЗТ Скопје. Повторно се вративме на некои стари навики кои се случуваа во претходниот дел од сезоната, ни недостигаше желба за победа, што за мене како тренер е недозволиво. Честитки до Блокотехна, домаќините повеќе ја посакуваа победата од нас уште од првата минута и заслужено триумфираа. Таа желба за победа ќе решава и на третиот меч во Скопје, така што мораме да се кренеме на едно повисоко ниво“ – изјави Кочов.
Тој даде и краток осврт на арбитражата, незадоволен од бројот на досудени прекршоци.
„Како што реков, им ја честитам победата на домаќините, но не можам да останам слеп на фактот дека домаќините шутнаа 31 слободно фрлање, наспроти само девет на МЗТ. Повторувам, ние игравме катастрофална одбрана без речиси никаква агресивност, а Блокотехна шутна 31 „пенал“, погодувајќи 27, што ќе беше ако ние притискавме на вообичаеното ниво“ – истакнува стратегот на МЗТ Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА