Кочов: Репрезентацијата ни е одраз на клупската кошарка…

Ѓорѓи Кочов освои се што можеше да се освои со МЗТ Скопје, последните години ги мина како асистент во бундеслигашот Кемниц, а младиот стратег не го криеше задоволството што се враќа назад во националниот тим каде што претходно беше дел и од стручниот штаб на Александар Тодоров.

Кочов е свесен дека состојбата во мак-баскетот воопшто не е розова, но воедно и мотивиран кошарката да се врати онаму каде што припаѓа.

„Чест ми е и огромно задоволство што сум повторно во стручниот штаб на македонската репрезентација, би кажал дека мојата прва импресија од тоа што го видов … позитивно е што тимот има потенцијал, за се треба време, тоа не е некое алиби, туку нешто во што јас верувам – единствен начин да станеш подобар е да работиш и да тренираш. Ја прифатив понудата на федерацијата, сметам дека треба тоа што сум го стекнал како искуство да го споделам овде, со нашите играчи и со нашите тренинзи. Мислам дека со промена на пристапот, промена на тренингот можеме да промениме на подобро. Сите добро знаат каква е клупската кошарка, репрезентативната кошарка е одраз на клупската кошарка, се треба да почне од нас тренерите, да им овозможиме на играчите максимални услови за да очекуваме резултати од нив“, истакна Кочов на денешната прес-конференција.

Се вчитува...