Кочов: Самите се победивме, Работнички не беше подобар

МЗТ Скопје три четвртини беше подобар ривал на првата финална средба против Работнички, но се беше попусто кога „металците“ потфрлија кога беше најважно, во посследните десет минути, овозможувајќи му на големиот ривал пресврт и почетно водство во оваа финална серија.

Тренерот Ѓорѓи Кочов со право беше разочаран поради падот во концентрацијата на своите кошаркари во четвртата четвртина.

„Првите три четвртини игравме токму онака како што се договоривме, на крајот во последниот период примивме 25 поени. Слободно можам да кажам дека самите се победивме, домаќините ја добија средбата на наши грешки. Беше тврд дуел, знаевме дека ќе биде така, Работнички воопшто не не надигра, самите сме си виновни. Немаме многу време да жалење, мораме да го оставиме овој меч зад себе и да се насочиме на следниот дуел на домашен терен. Верувајте, ќе сториме се што можеме за да го добиеме тој дуел. Притисокот е врз нас, но ние најмногу од сите ја посакуваме таа победа“ – изјави Кочов.

Мало олеснување за „металците“ е што противникот во своите редови ќе го нема Димитар Мираковски, кој играше извонредно се до повредата во финишот од првото полувреме.

„Искрено ми е жал за Мираковски, кој е извонреден кошаркар и како спортист знам колку е тешко кога ќе се заработи повреда. За нас реално е мало олеснување бидејќи станува збор за одличен играч, но Работнички е тим со долг ростер и ќе настојува неговото отсуство да не се почувствува. Видовте, денеска Робинсон ја презеде одлично одговорноста токму во периодот кога Мираковски не можеше да биде на теренот“ – истакна стратегот на МЗТ Скопје.

Се вчитува...