Само еден натпревар од Супер-лигата беше доволен за нова тренерска смена во МЗТ Скопје, втора за оваа сезона. Раководството на актуелниот првак овојпат се реши да му укаже шанса на Ѓорѓи Кочов, поранешниот плејмејкер на аеродромци кој важи за млад, но исклучително перспективен стратег. Кочов ја почна сезоната на чело на второлигашот Вардар, потоа пристигна како асистент на Жељко Лукајиќ, за сега токму тој да ја добие шанса да биде шеф на стручниот штаб во клучните битки за титулата.
„Пред се би сакал да му се заблагодарам на Жељко Лукајиќ за беспрекорната соработка, како и за неговата несебичност да подели дел од своето кошаркарско знаење со мене како асистент. Соработката со него беше одлична, од се срце му посакувам многу среќа при идните ангажмани“ – истакнува Кочов за ЕКИПА.
Тој е свесен за предизвикот што го носи клупата на „сино-белите“ од Аеродром, но исто така и верува дека одбраната на титулата е возможна ако сите го даде максимумот.
„Едно е јасно – целта е МЗТ Скопје да игра подобра кошарка и да бележи подобри резултати отколку во досегашниот дел од сезоната. Предизвикот е голем, но јас верувам во овој тим. Сите треба да го оставиме егото на страна и да работиме напорно, како на тренинзите така и на натпреварите – да покажеме дека МЗТ Скопје е најважен од се и да го дадеме максимумот за да ја одбраниме титулата. Ако сите дадат сто посто од своите можности, остварувањето на оваа цел не е ништо невозможно“ – порачува новиот стратег на МЗТ Скопје.
Своето деби како шеф на стручниот штаб на МЗТ во домашното првенство Кочов ќе го има веќе утре, на гостувањето против Блокотехна, екипа што се наоѓа пред „металците“ на прволигашката табела.
„Станува збор за противник од кого МЗТ веќе има два порази во рамките од Супер-лигата. Екипата на Блокотехна е квалитетна, особено кога настапува на домашен терен. Јас сепак ќе бидам насочен на нашето издание, на она што ние ќе го одиграме во Гевгелија бидејќи како што реков, ако сите го дадат максимумот, можеме да се надеваме на позитивен резултат“ – истакнува Ѓорѓи Кочов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА