Стратегот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, е оптимист дека неговиот тим ќе успее да стигне до втората победа во АБА2 лигата, на утрешниот дуел на домашен терен против Борац Чачак. Српскиот претставник претрпе неочекуван пораз на домашен терен во првото коло, но Кочов предупредува дека тоа не го менува фактот дека МЗТ против себе ќе има незгоден ривал што може да се победи само со максимална посветеност и ангажираност на теренот.
„Пред нас е пресметка со исклучително квалитетен и пред се искусен противник. Поразот на Борац Чачак на стартот од АБА2-лигата не значи ништо и знаеме дека тие во Скопје доаѓаат по победа. Очекувам дека ривалот ќе игра поконцентрирано и помотивирано за да се извади по стартниот кикс, што воедно ја прави нашата задача уште потешка. Знаеме дека доста трчаат во транзиција и дека имаат голем број квалитетни играчи кои знаат да играат ‘два на два’. Клучно ќе биде да одиграме добро под кошевите, пристапот да ни биде како што посакуваме и секако да бидеме агресивни во одбраната. Знаеме дека противникот доаѓа да победи, но мислам дека има грешна перцепција. Убеден сум дека со помош на навивачите, кон кои апелирам да дојдат во што е можно поголем број, ќе го совлада Борац и ќе се израдуваме на втората победа. Но, за да го сториме тоа ќе треба сериозно да се испотиме, во што воопшто и не се сомневам“, вели Кочов.
Билетите за овој дуел се веќе пуштени во продажба и тоа по симболична цена од 50 денари и можат да се купат на билетарата пред спортскиот центар „Јане Сандански“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА