Тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, не го криеше разочарувањето по денешниот пораз од Задар. Влезот во АБА1 беше на дофат, но „металците“ прокоцкаа двоцифена предност во второто полувреме и на крајот со наведнати глави го напуштија теренот.
„Честитки на тимот на Задар за победата, иако немаше да биде незаслужено доколку успеевме да славиме на овој натпревар. Имавме игра, имавме и убедлива предност во второто полувреме, но за жал не успеавме да ја сочуваме. Немавме одговор на нивната игра со тројца високи кошаркари, со која ни создадоа многу проблеми до самиот крај“ – изјави Кочов на прес-конференцијата по натпреварот.
Навивачите не го криеја разочарувањето од ваквиот исход, па на крајот бурно реагираа кон Кочов и неговите избраници.
„Жалам што дојде публика во толкав број, но не успеавме да ги израдувавме онака како што посакувавме. Публиката на првиот меч викаше и по играчите на Задар, па еве сега хрватскиот тим победи. Што треба сега, да дадам оставка и да го оставам тимот на цедило. Постои управа која ќе ја разгледува мојата работа, одговорност секогаш сноси тренерот, да не заборавиме дека наша цел на стартот беше влез во полуфиналето од АБА2, еве игравме во финалето, на чекор до победата, за жал не славевме иако многу го посакувавме тоа“ – истакна Ѓорѓи Кочов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

