За разлика од другите преодни рокови, Арсенал зимава беше доста активен на пазарот. Доведе големи засилувања, но и се раздели со двајца клучи играчи. Вчера „Емирати“ го напушти Оливие Жиру, долгогодишниот „слуга“ на Арсен Венгер сега ќе ги брани боите на градскиот ривал Челси.
Со преселбата од северен во западен Лондон, Жиру стана 10. фудбалер на „топчиите“ кој прави трансфер во ривалски клуб на Арсенал во Премиер – лигата. Французинот сепак, не е најголемата загуба за Венгер оваа зима, една недела порано Алексис Санчез го „изглуми“ Робин Ван Перси и си отиде на „Олд трафорд“. Срцата на фановите на Арсенал одново ги „скрши“ клучен играч, оној кој требаше да ги води кон нови успеси, кој требаше да биде лидер на екипата.
Екс -„милионерите“ Мхитаријан и Обамејанг се претставени како големи засилувања, но факт е дека трансферите се принудени, поточно доведени се да ја пополнат „дупката“ која ја остави Чилеанецот.
Арсенал започна да „подарува“ свои фудбалери на ривалите уште од 2004 година. Поточно, се започна со трампата со Челси за Ешли Кол и Вилијам Галас, со тоа што „сините“ доплатија уште 7.5 милиони евра за тогаш младиот англиски лев бек, кој подоцна стана легенда на клубот. Галас се обидуваше да ги оправда средствата, a по повеќе од 100 натпревар иза „топчиите“ францускиот дефанзивец одново направи „збрки“ во Лондон и се пресели во редовите на Тотенхем, овој вистинскиот „комшиски“ ривал на Арсенал.
Емануел Адебајор ќе остане како еден од најомразените играчи кои го носеле дресот на Арсенал. Во летото 2009 година, Манчестер сити исплати 29 милиони евра за услугите на напаѓачот од Того, а при првиот меѓусебен дуел на Сити и Арсенал, контроверсниот Адебајор постигна погодок против својот екс-клуб, а статус „најомразен“ го доби по прославувањето на голот, претча цел терен само за да дојде до трибината каде навивачите на Арсенал само за да ги провоцира.
Адебајор го започна „егзодусот“ од „Емирати“, па во Манчестер сити по сезони дојдоа и Самир Насри и Гаел Клиши. Офанзивниот Французин тогаш беше голем хит, „граѓаните“ за него исплатија 27.5 милиони фунти, додека Венгер одново остана без квалитетен лев бек за само 7.5 милиони евра.
Бакари Сања до крај го испочитува договорот со клубот од Лондон, а во 2014 година и тој го замени црвениот дрес со светло – синиот на Сити, само што Сања пристигна како слободен играч.
Можеби трансферот кој најмногу ги „боли“ навивачите на Арсенал е заминувањето на Робин Ван Перси во Манчестер јунајтед. „Црвените ѓаволи“ исплатија 30 милиони евра за Холанѓанецот во 2012 година. Ван Перси беше доведен како засилување со кое Јунајтед ќе стигне до рекордната 20. титула во Премиер – лигата, а фудбалерот вети дека ќе го направи тоа земајќи го бројот 20 на дресот. Токму тоа и се случи, Ван Перси им помогна на „ѓаволите“ да станат шампиони на Англија по 20. пат, постигнувајќи вкупно 26 погодоци и 15 асистенции, а беше и најдобар стрелец во шампионатот за таа сезона.
Со почетокот на оваа сезона, Алекс Окслејд Чембрлен направи неочекуван трансфер во Ливерпул на последниот ден од летниот преоден рок. „Топчиите“ направија одлична зделка знаејќи дека добија 38 милиони евра за неговите услуги, но тоа не е оправдување да се продаде корисен играч на клуб од домашното првенство со кој се бориш за едно од местата кое води во Лигата на шампиони.
Сите го гледаа Алексис Санчез следниот фудбалер кој ќе ја продолжи неславната традиција и да се пресели на „Етихад“. Но, Чилеанецот ги изненади сите одлучувајќи се за Манчестер јунајтед, па затоа многумина велат дека Санчез го „изглуми“ Ван Перси. Во овој случај, Арсенал не е толку оштетен, прорадоа играч кој не беше задоволен во клубот, сакаше да си замине и при тоа му истекуваше договорот на крајот од сезоната, а за возврат добија еднакво квалитетен играч кој ќе им служи во наредниве сезони – Хенрик Мхитаријан.
Фановите на Арсенал повеќе жалат за Оливие Жиру, бидејќи Французинот беше вистински „џокер“ на Венгер. „Талисманот“ за пет ипол години одигра вкупно 253 натпревари на кои постигна 105 погодоци за Арсенал, а може да се каже дека принудно е продаден на Челси бидејќи со доаѓањето на Обамејанг, неговите шанси за настап беа минимални. Раководството може да биде задоволно од продажбата на Жиру бидејќи направија профит од пет милиони евра – го купија за 12 милиони евра во 2012 година, а го продадоа за 17 милиони евра.
Вкупната заработка од овие трансфери изнесува 156.5 милиони евра, но дали тие пари вредат за клубот континуирано да биде десеткуван наместо да постепено да се формира тим со кој одново ќе се борат за врвот на Англија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА