Кога е криза, секој сака „гратис“ – слободни фудбалери од јули 2020

Повеќе од јасно е дека светската криза со коронавирусот ќе остави и сериозни финансиски последици врз функционирањето на фудбалските клубови. Кратењата на платите се само прва мерка на спортските колективи, кои речиси сигурно ќе имаат и намалени буџети за следната сезона, по што по автоматизам многу поголемо внимание ќе обрнат на оние фудбалери кои се достапни без никаква отштета во летниот преоден рок.

А на листата од слободни играчи за јули 2020 година дефинитивно има играчи од највисока класа…

Давид Силва веќе објави дека нема да потпише нов договор со Манчестер Сити, шпанскиот генијалец се уште игра на највисока класа, но негова следна дестинација најверојатно ќе биде МЛС-лигата.

Вилијан се наоѓа на излезна врата од Челси, а најсериозен интерес за овој фудбалер досега покажаа Барселона и Тотенхем. Единсон Кавани без конкуренција е најпосакуван „слободен игра“, откако на бројните европски гиганти во трката им се приклучи и Бока Јуниорс. Златан Ибрахимовиќ исто така е слободен откако влезе во конфликт со управата на Милан, но Швеѓанецот уште нема донесено одлука дали да игра уште една година или летово да се пензионира.

Двајцата бекови на ПСЖ, Томас Муние и Лајвин Курзава, без отштета ќе си заминат од „Паркот на принцовите“, Белгиецот е најблиску до Борусија Дортмунд, додека Курзава се наоѓа пред потпис со Арсенал. Јан Фертонген ќе си замине од Тотенхем, најзагреани за Белгиецот се челниците на Интер. За Бонавентура од Милан се интересираат повеќе италијански прволигаши, а интерес надвор од Европа постои за двајцата искусни шпански офанзивци, Калјехон од Наполи и Педро од Челси, кои летово ќе ги сменат клупските бои.

На неколку месеци пред истек на договорот се и Дрис Мертенс и Џорџо Кјелини, но за очекување е овие двајца да потпишат нови договори со своите актуелни клубови, Наполи и Јувентус.

Се вчитува...