Светот на спортот целосно запира, прекинати се шампионатите во различни спортови ширум Европа, а новата сезона во Формула 1 воопшто нема да започне откако беше одложена трката во Австралија што требаше да се вози викендов.
Еден член на Мекларен беше позитивен на коронавирус, по што британскиот тим се спакува и ја напушти Австралија, а веќе е повеќе од јасно дека нема да се одржат ниту следните две трки. Гран-прито на Бахраин најпрвин требаше да се одржи пред празни трибини на 22 март, но сега и тоа е откажано, а истата одлука денеска беше донесена и за трката во Виетнам што требаше да се вози на 5 април.
Кинеското гран-при, кое требаше да биде четврта трка сезонава, беше одложено уште во февруари.
Веќе станува јасно дека Ф-1 сезоната може да почне најрано во мај, и тоа со трката за ГН на Холандија закажана за 3 мај, но останува да се види дали и ова натпреварување ќе биде одложено, или конечно ќе биде дадено зелено светло за „летечкиот циркус“ конечно да почне.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА