Кои 17 фудбалери во историјата имале и имаат клаузула „Златна топка“!?

Се поактуелен е новиот тренд во светскиот фудбал, при договорите со најголемите ѕвезди клубовите да вклучуваат и бонуси за освоена „Златната топка“.

Иако изгледа како современ феномен, оваа практика се случува со години, а некои примери се повеќе од интересни.

Ентони Марсијал – Манчестер Јунајтед
Кога Манчестер Јунајтед го донесе тогаш 19-годишниот Ентони Марсијал од Монако во 2015 година, се зборуваше за трансфер што ќе го промени фудбалскиот пазар. Цената беше 36 милиони фунти, што тогаш беше рекорд за тинејџер. Сепак, Монако се договори и за специјални бонуси од 7,2 милиони фунти за три можни сценарија: ако Марсијал постигне 25 гола во Премиерлигата (што го постигна), ако одигра 30 натпревари за Франција (не го постигна) и ако ја освои Златната топка (ниту блиску).

Јунајтед на крајот го плати само првиот бонус. Кариерата на Марсијал на „Олд Трафорд“ беше сè друго освен посакувана – почнувајќи спектакуларно и завршувајќи со серија повреди и губење на самодовербата. По епизодите во Севилја и АЕК (9 гола на 24 натпревари), од јуни 2025 година тој игра за Монтереј во Мексико.

Анхел Ди Марија – Манчестер Јунајтед
Уште еден случај кај „црвените ѓаволи“. Во 2014 година, Ди Марија пристигна од Реал Мадрид за 60 милиони фунти, што тогаш беше рекорд во англискиот фудбал. Според „Телеграф“, Јунајтед ќе му исплатеше на Реал дополнителни четири милиони фунти доколку Аргентинецот ја освоеше „Златната топка“. Идејата беше едноставна, ако Ди Марија ја добие „Златната топка“, тоа значи дека и тимот имал феноменална сезона.

Но, ништо не одеше според планот. Во ригидниот систем на Луј ван Гал, Ди Марија не можеше да најде слобода на игра. Дополнително, неговото семејство се мачеше во Манчестер, а кражбата во нивниот семеен дом беше поводот по само една сезона, тој да ги спакува куферите и да замине за ПСЖ, со цена пониска за 12 милиони евра.

Бруно Фернандеш – Манчестер Јунајтед
Јунајтед, секако, повторно. Кога Бруно Фернандеш пристигна од Спортинг во 2020 година, трансферот вредеше 55 милиони евра плус уште 25 милиони во бонуси.

Од тие 25, дури 15 милиони беа поврзани со индивидуални признанија од пет милиони за секој пат кога ќе завршеше меѓу првите три при рангирањето за „Златната топка“ или ќе ја освои наградата за играч на годината во Премиерлигата. Досега, ниту една фунта не отиде во таа насока.

Кристијано Роналдо – Манчестер Јунајтед (второто доаѓање)
Кога Роналдо се врати на „Олд Трафорд“ во 2021 година, неговиот договор вклучуваше три потенцијални бонуси од по еден милион фунти: ако Јунајтед ја освои Лигата на шампионите, ако ја освои „Златната топка“ и ако биде прогласен за играч на годината од УЕФА. Ништо од тоа не се случи. Враќањето заврши разочарувачки – лоша атмосфера во соблекувалната, фрустрации и раскинување на договорот на средина од сезоната.

Андре Гомес – Барселона
Кога се зборува за Андре Гомес во Барселона, веднаш е помислата колку се мачеше. Кога пристигна од Валенсија во 2016 година, Барса плати 35 милиони евра, со потенцијални 20 милиони во бонуси. Но, имаше и посебна „златна“ клаузула: 15 милиони евра ако ја освои „Златната топка“.

Секако, таа ставка остана чиста теорија. Гомес не се вклопи во стилот на игра на Барса, а притисокот од јавноста беше огромен. Подоцна отворено зборуваше за својата вознемиреност и губење на самодовербата. На крајот, заврши во Евертон, за 25 милиони евра, со само три гола и четири асистенции зад себе во дресот на каталонскиот гигант.

Нејмар – Барселона
Една од ретките „успешни“ клаузули за „Златната топка“. Кога Нејмар пристигна од Сантос, договорот вклучуваше бонус од два милиони евра ако барем еднаш влезе во Топ 3 за „Златната топка“. Тоа се случи во 2015 година. Сепак, дури и тој бонус не беше без драма – Барселона доцнеше со исплатата, Сантос го пријави случајот во ФИФА, а сè беше дополнително искомплицирано со правни спорови околу трансферот.

Дополнително, Најк наводно му ветил на Нејмар дополнителен милион евра ако ја освои Златната топка.

Тијаго Алкантара – Ливерпул
Кога се пресели од Баерн во Ливерпул во 2020 година, договорот вредеше 20 милиони евра плус шест милиони бонуси. Иако деталите не се објавени, бројни извештаи тврдат дека еден од тие бонуси бил поврзан со „Златната топка“.

Мохамед Салах – Ливерпул
Ова влегува во категоријата „урбана легенда“. Според Англичаните, Салах наводно вклучил клаузула во својот договор што ќе му овозможи да побара трансфер во Реал Мадрид или Барселона ако не ја освои „Златната топка“ во одреден период. Реал и Барса, се разбира, никогаш не потврдија дека знаат нешто за тоа.

Килијан Мбапе – ПСЖ
Француските медиуми објавија во 2018 година дека Мбапе автоматски ќе стане најплатен играч на ПСЖ ако ја освои „Златната топка“. Пет години подоцна, тој стана најплатен дури и без неа.

Николо Заниоло – Галатасарај
За разлика од многу други, оваа клаузула е официјално потврдена. Претседателот на Галатасарај призна дека Рома ќе добие дополнителен бонус ако Заниоло ја освои „Златната топка“. Италијанецот, сепак, одигра само 16 натпревари за клубот и брзо замина, прво во Астон Вила, потоа во Аталанта и Фиорентина.

Матеус Франка – Кристал Палас
Во 2023 година, Кристал Палас ја изненади Англија со потпишувањето на бразилската надеж Матеус Франка од Фламенго за 26 милиони фунти. Фламенго, сепак, вклучи бонус од 5 милиони евра во договорот – ако младиот играч било кога некогаш биде номиниран за „Златна топка“.

Естевао – Челси
Новиот бразилски бисер на Челси. Фабрицио Романо откри дека Палмеирас има право на дополнителен бонус ако Естевао ја освои „Златната топка“ до 2033 година.

Витор Роке – Барселона
Атлетико Параненсе побара бонус од пет милиони евра за „Златната топка“ при договорот на Роке во Барселона во 2024 година. Само една година подоцна – тој беше продаден назад во Бразил за 25 милиони. Бонусот, се разбира, остана неискористен.

Тијани Рејндерс – Манчестер Сити
Според британските медиуми, неговиот трансфер од Милан во Сити вреди 58 милиони евра, со можни 14 милиони во бонуси. Еден од нив – два милиони евра – се активира ако Рејндерс ја освои „Златната топка“.

Виктор Ѓокереш – Арсенал
Слична приказна како со Рејндерс. Арсенал би можел да му плати на Спортинг дополнителни пет милиони евра ако шведскиот напаѓач еден ден ја подигне „Златната топка“.

Ламине Јамал – Барселона
Со Јамал е едноставно! Кога имаш 17 години и веќе играш како ветеран, клаузулата за „Златната топка“ станува речиси стандардна ставка.

Се вчитува...