Еден од највпечатливите моменти на 29. издание на Златна Бубамара беше настапот на Тони Зен, кој на сцената ја изведе својата песна „Сум“ во придружба на врвни street танчери и брејкденсери од светот на Red Bull, кои специјално допатуваа во Скопје за оваа манифестација.
Овој настап продолжува една традиција изненадувања што Red Bull ја носи на сцената на Златна Бубамара. Минатата година, публиката имаше можност да го види настапот на Viki Gómez, Red Bull BMX Flatland спортист, кој со својот перформанс донесе вистински спектакл и ја „донесе“ првата Златна Бубамара на сцената на уникатен начин.
Оваа година, настапот доби малку поинаква форма. Во четириминутна, динамична и внимателно кореографирана изведба, Тони Зен заедно со петмина street танчери и брејкденсери од различни делови на светот создадоа моќна сценска комбинација во која музиката и танцот се надополнуваа во ист ритам. Со силна енергија, прецизна синхронизација и различни танцови стилови, настапот ја претвори сцената на Златна Бубамара во вистински спој на хип-хоп звук и street dance култура, издвојувајќи се како еден од највпечатливите моменти на вечерта.
Брејкденсерите кои се дел од глобалната Red Bull Dance заедница и редовно настапуваат на најголемите светски натпревари и сцени, доаѓаат од Франција, Венецуела и Австрија, а секој од нив носи сопствена приказна и препознатлив стил:
B-Boy Lilou
Lilou е едно од најпрепознатливите имиња во светот на брејкденсот. Францускиот b-boy е Red Bull BC One амбасадор и повеќекратен светски шампион, а воедно е и еден од ретките брејкденсери кои двапати ја освоиле титулата на овој престижен натпревар. Со брејкденс започнува кон крајот на 90-тите години, кога неговиот брат го запознава со хип-хоп културата. Познат е по својот експлозивен стил, харизма и сценска енергија, а во текот на кариерата настапувал на бројни светски сцени и соработувал со артисти како The Chemical Brothers, како и со Madonna на Super Bowl.

На прашањето „Какво е чувството да се соработува со светските музички ѕвезди како The Chemical Brothers или Madonna?“, Lilou изјави:
„Неверојатно е да се соработува со интернационални артисти, бидејќи тоа дефинитивно ни помага да се промовира нашата култура низ целиот свет и се стекнува огромно искуство. Можноста да бидам на турнеја со кралицата на поп-музиката и да настапувам на Super Bowl дефинитивно беше едно од моите најголеми искуства во мојата кариера.“
Lil G
Lil G доаѓа од Каракас, Венецуела и важи за еден од највлијателните брејкденсери од Латинска Америка. Со брејкденс започнува на 11-годишна возраст, откако претходно се занимавал со возење скејтборд и кошарка. Неговиот стил се карактеризира со силни power move елементи, техничка прецизност и изразена музикалност. Lil G е еден од првите брејкденсери од регионот кои направиле значаен пробив на глобалната Red Bull BC One сцена.

Иако е од Латинска Америка, фасциниран е од азиската култура. Затоа решивме да го прашаме „од каде љубовта кон Азија и културата од Истокот? “:
„Она што најмногу ме привлекува е како што кажавте – нивната култура и дефинитивно храната. Сметам дека патувањата во тие земји се исклучително интересни и воедно дека претставуваат неверојатна можност да научам што повеќе за тоа каков е нивниот свет.“
B-Girl Kimie
Kimie е брејкденсерка од Франција која припаѓа на новата генерација танчери што ја развиваат современата брејкденс сцена. Со брејкденс започнува во 2016 година, инспирирана од својот брат. Позната е по нејзините динамични комбинации, брзи транзиции и стил што балансира сила и флуидност. Во изминатите години настапува на бројни меѓународни натпревари и е дел од Red Bull BC One заедницата.

Dypa
Dypa е street танчерка од Франција која се истакнува преку своите настапи на натпревари како Red Bull Dance Your Style. Овој формат, каде победникот го избира публиката, бара силна музикалност, брза импровизација и комуникација со гледачите, карактеристики што се препознатлив дел од нејзиниот стил. Таа е член на париската танцова екипа Yudat и редовно настапува на концерти и во музички видеа на реномирани француски музички артисти.

Leon V
Leon V е австриски street танчер со хрватско потекло, познат по својот freestyle пристап и моќно сценско присуство. Во 2022 година ја освои титулата на националното Red Bull Dance Your Style финале во Австрија, по што ја претставуваше земјата на светското финале во Јоханесбург. Неговиот стил се базира на музичка интерпретација, импровизација и интеракција со публиката, што особено доаѓа до израз во battle формат.

На прашањето “Колку публиката може силно да влијае за дополнителна енергија на танчерите и колку публиката, при настапите, е мотивирачка за тебе за што подобар перформанс?”, Leon V ни одговори:
“Публиката може целосно да ја промени енергијата на еден настап! Особено во хип-хоп културата, публиката треба активно да учествува. Енергијата во просторијата се создава преку соработка помеѓу уметникот, танчерите и публиката.
Беше презабавно да танцувам за прв пат во Македонија! Од старт добивме толку многу љубов зад сцената, а уште повеќе кога излеговме на сцената. Ја гледав публиката за време на нашиот настап и уживав кога видов дека активно учествува, танцува, аплаудира, пее и се забавува. Значи, сè на сè, имав неверојатно искуство!”
Четириминутниот настап на Тони Зен и брејкденсерите дефинитивно внесе еден поинаков ритам и поинаква динамика во салата „Борис Трајковски“ на овогодинешното 29. издание на Златна Бубамара.
Гледај го целиот настап на YouTube каналот на Radio Bubamara.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

