Кој беше Андреас Бреме: Херојот на Германија кој никогаш не заигра за својот Хамбургер

Андреас Бреме ќе остане запаметен како еден од најдобрите леви бекови во светот и меѓу најефикасните дефанзивни фудбалери во Бундеслигата на сите времиња.

Првата асоцијација со овој фудбалер е голот што го постигна од пенал за Германија во финалето на Светското првенство во Рим во 1990 година против Аргентина. За време на неговата богата кариера, тој постигна многу важни голови, точно 50 во Бундеслигата, а она што го издвојуваше од другите играчи беше неговата способност да игра речиси подеднакво добро со двете нозе. Поради тоа често беше нерешлива енигма за противничките фудбалери.

Андреас Бреме е роден во Хамбург, но за жал никогаш не го облекол дресот на неговиот омилен клуб од детството, Хамбургер. Првите фудбалски чекори ги направил во локалниот ХСВ Бармбек-Уленхорст, каде на 18 години добил можност да игра за сениорскиот тим. Во тоа време тој беше на проба во Хамбургер, потоа во Вердер Бремен, но единствениот конкретен повик го доби во 1980 година од второлигашот Сарбрикен, благодарение на легендарниот фудбалер на ХСВ, Феликс Магат. Како поранешен играч на двата клуба посредуваше во тој трансфер.

Врвната кариера на Андреас Брем започнува две години подоцна кога тој се преселува во Кајзерслаутерн. Иако не важеше за брз играч, неговата добра техника, прецизниот и моќен удар, одличниот центаршут, како и способноста за добра игра со двете нозе, брзо го издвојуваше од просекот. Во Германија го заслужи статусот на еден од најдобрите изведувачи на слободни удари и центаршути на сите времиња.

Кога Хамбургер виде во каков играч порасна, се обидоа да го доведат, но тој трансфер никогаш не се реализираше иако Бреме секогаш ја истакнуваше неговата посветеност на овој клуб.

На крајот, по пет сезони минати во Кајзерслаутерн, го облече дресот на Баерн и две години настапуваше за познатиот клуб од Минхен. Веќе во првата година ја освои првата титула во Бундеслигата. Во сезоната 86/87, Баерн го освои германското првенство, а Андреас беше еден од најистакнатите играчи во тимот.

За нивна несреќа, во иста сезона сите доживеаја големо разочарување во финалето на Купот на шампионите. Баерн беше голем фаворит, но беше поразен во Виена против Порто, меч кој баварците го загубија во финишот.

Една година подоцна, Баерн ја загуби титулата во Бундеслигата од Вердер Бремен, а Андреас Бреме се пресели од Минхен во Милан заедно со соиграчот Лотар Матеус и му помогна на Интер да го врати скудетото на стадионот „Џузепе Меаца“ по девет години.

Тој помина вкупно четири години во Серија А, а кога Јирген Клинсман им се приклучи од Штутгарт следната сезона, Интер успеа да освои еден европски трофеј – Купот на УЕФА во 1991 година – со брилијантното германско трио.

По Интер, Бреме помина една сезона во Шпанија, во тимот на Сарагоса, а потоа се врати во Кајзерслаутерн и во следните пет години ги доживеа некои од најубавите и најтешките моменти во кариерата.

Тој беше капитен на Кајзерслаутерн кога тие испаднаа од Бундеслигата во истата сезона 95/96 и го освоија германскиот ДФБ куп. И една сезона подоцна во Купот на куповите, кога во првото коло, по победата од 1-0 во Кајзерслаутерн, во реваншот на белградска „Маракана“ по продолженија беа поразени од Црвена звезда со 4-0.

Бреме ја одложи фудбалската пензија за една година за да му помогне на Кајзерслаутерн да се врати во Бундеслигата, а потоа, по експресното враќање во елитниот ранг, го доживеа најдобриот крај на кариерата – на 38 години вторпат ја освои Бундеслигата, овојпат како капитен на Кајзерслаутерн.

Така на идеален начин ја заокружи фантастичната играчка кариера во која остави голема трага во репрезентацијата. Беше учесник на три европски и светски првенства, а круната дефинитивно е голот од пенал кој на Германците им ја донесе титулата светски првак во 1990 година во Италија во финалето против Аргентина на Марадона.

Се вчитува...