Кој беше Никола Покривач: Фудбалерот кој синоќа трагично го загуби животот

Поранешниот фудбалски репрезентативец на Хрватска Никола Покривач имаше интересна кариера, но ќе остане запаметен и по борбата со тешката болест.

Никола Покривач (39) трагично загина во сообраќајна несреќа што се случи во петокот, околу 20:15 часот, на обиколницата Турањска во Карловац, Хрватска.

Тој е роден на 26 ноември 1985 година во Чаковец. Фудбалската кариера ја започна во помладите категории на Братство од Јуровац, а потоа настапуваше за Чаковец и Вартекс. Во клубот од Вараждин се проби во сениорскиот тим, каде тренер му беше и актуелниот хрватски тренер Златко Далиќ.

Откако стана млад репрезентативец се покажа како голем талент, што го привлече интересот на големите хрватски клубови – Хајдук и Динамо.

Во Динамо пристигна во јануари 2007 година, а една година подоцна се пресели во Монако за 3,5 милиони евра. Подоцна играше за Салцбург кој му плати 2 милиони евра, а потоа се врати во Динамо. Играше и за Интер од Запрешиќ, казахстански Шахтјор од Карагандија и Славен Белупо.

Со Динамо четири пати го освојуваше хрватското првенство и три пати Купот на Хрватска, а истото го постигна и со Риека. Во Салцбург го освои австрискиот шампионат.

За хрватската репрезентација, за која одигра 15 натпревари, дебитираше во 2008 година на пријателскиот натпревар против Молдавија. Под водство на Славен Билиќ настапи на Европското првенство во 2008. Последниот настап за репрезентацијата го имаше во 2010 година.

Покривач водеше тешка битка со Хочкинс лимфом, рак на лимфните јазли што му беше дијагностициран во 2012 година. Тој ја победи оваа болест три пати, а последниот пат животот му го спаси донацијата на коскената срцевина на неговата мајка.

Се вчитува...