Силвио Берлускони, долгогодишниот сопственик и претседател на Милан почина утрово во Милано на 86-годишна возраст. Нема кој што се занимава со фудбал да не знае за Берлускони, творецот на големите успеси на „росонерите“ од 1986 година до 2017 колку што беше на чело на овој клуб.
Во фудбалот во Милан влезе на 20. февруари 1986 година кога го спаси Милан од банкрот. Го купи клубот и го направи еден од најдобрите светски тимови.
„Росонерите“ со него пет пати беа прваци на Европа, осум пати шампиони на Италија, освоија седум Супер-Купа Италија, пет Супер-Купа на Европа, и три титули светски клупски првак.
За три децении во Милан, тимот освои 20 трофеи. Во 2017 година го продаде клубот за 830 милиони евра, а една година подоцна се врати на фудбалот купувајќи ја Монца и успеа од Серија Ц да ја донесе до Серија А.
Во текот на својот мандат во Милан, Берлускони донесе голем број фудбалери кои подоцна станаа легенди на тимот.
Кон крајот на 2022 година ја шокираше јавноста откако им вети на фудбалерите на Монца дека ќе им донесе еден автобус проститутки ако победат некој од големите клубови. Тие успеаја, но остана нејасно дали легендарниот Берлускони го исполнил ветувањето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА