Можеби изненадувачки беше што селекторот на Германија Ханс Флик во составот на „панцирите“ за Мундијалот го повика Јусуфа Мукоко, 17-годишен фудбалер на Борусија Дортмунд. Меѓутоа со своите настапи и дефинитивно го заслужи повикот, особено што Германија има проблеми со нападот по откажувањето на Тимо Вернер.
Мукоко сезонава „блеска“ во Дортмунд. Ја доби шансата откако на Себастијан Халер му беше дијагностициран рак на тестиси, а момчето родено во Камерун ја искористи максимално шансата која му ја довери Един Терзиќ. Повикот во националниот тим беше неочекуван, со оглед дека Мукоко досега немаше повик за сениорската репрезентација, така што ако добие можност, токму настапот на СП ќе му биде и деби во германскиот сениорски тим.
Мукоко првите 10 години од својот живот ги минува во родниот Камерун со неговите баба и дедо, а летото во 2014 година се сели кај татко му во Хамбург, инаку германски државјанин од 1990 година. Мукоко првите чекори ги прави во младинските категории на Сент Паули и веднаш го покажува својот талент. Постигнува 23 голови на 13 натпревари и веднаш доаѓа повикот од Дортмунд. Тоа што таму го прави е неверојатно. Игра за У-17 на „милионерите“ со 13 години, а потоа на 14 години и за селекцијата до 19 години. Во младинските категории на Дортмунд постигнува 127 голови и 26 асистенции во само 84 настапи. 11 мееци пред неговиот 16-ти роденден добива повик да тренира со првиот тим на „милионерите“.
Станува најмладиот дебитант во Бундеслигата откако го замени Ерлинг Халанд со 16 години и 1 ден против Херта, а потоа станува и најмладиот играч во Лигата на шампионите со 16 години и 19 денови. Одличните настапи во Дортмунд, му носат и повици во младинските категории на Германија. Мукоко ја одбира Германија пред Камерун, и таму „царува“ во младинските категории. За селекцијата до 16 години дава три гола во само четири настапи и веднаш се наметнува како еден од идните напаѓачи на репрезентацијата. На 20 ноември ќе наполни 18 години, и доколку дебитира на првиот меч на Мундијалот, тој ќе биде четвртиот најмлад дебитант во националниот тим на Германија.
Во Германија го споредуваат со Лионел Меси, со оглед дека е левак. Интересно е тоа што му истекува договорот со Борусија Дортмунд во 2023 година, а во тек се преговори за негово продолжување. Но, „милионерите“ ќе мора брзо да реагираат затоа што големите клубови веќе покажуваат интерес за него, па постои опасност Дортмунд да го загуби и да ја повтори истата грешка како со Левандовски во минатото.
Мукоко има четири браќа и сестри. Неговиот постар брат настапува во Косово, за екипата на Феризај како лев бек.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА