За македонскиот национален тим на дуелите против Саудиска Арабија и против Лихтенштајн, би можел да дебитира играчот на Тун, 23-годишниот Елмин Растодер. Станува збор за малку познато име, кое го сврте вниманието кон себе со добрите настапи во Тун во оваа и во претходната сезона.
Шпицот висок 191 сантиметар е роден во Ветцикон, Швајцарија на 7. октомври 2001 година. Има македонски пасош, и изразил желба да игра за Македонија. Во својата кариера играше во Вадуц како позајмен, а потекнува од школата на Грасхоперс, еден од најпознатите швајцарски тимови.
Растодер беше избран за најдобар играч на минатото коло во Швајцарија, и веднаш потоа следуваше и повикот за Македонија. Постигна гол на гостувањето против Цирих, и Тун сензационално стана нов лидер во швајцарскиот шампионат, со сите четири победи во првите четири кола. Тоа беше негов прв гол во првенството, а покрај тоа запиша и една асистенција. Тој е братучед на поранешниот репрезентативец Адис Јаховиќ. Има постар брат Есмир Растодер (25) кој игра во швајцарскиот нисколигаш Рити.
Растодер во моментов има вредност од околу 350.000 евра, а има договор со Тун до 2027 година, со опција да биде продолжен на уште една.
„Се надевам дека ќе ја зголеми конкуренцијата во нападот“, рече селекторот Благоја Милевски за Растодер на денешната прес-конференција.
Селекторот Милевски рече дека за него добил информации и од Езџјан Алиоски, и дека разговорал со фудбалерот. Сега останува да се види само како ќе се вклопи во филозофијата на Македонија.
„Во разговор со Алиоски, рече дека станува збор за добар играч. Ги анализиравме до најмал детал неговите натпревари, и мислам дека имаме квалитетен играч кој е расположен и има желба да настапува во Македонија, па од него ќе зависи колку, што и како и дали ќе се вклопи во тимот. Се надевам дека ќе биде се во ред. Низ разговорот што го имав, мислам дека станува збор за добар карактер, фудбалските квалитети можеме да ги видиме, сега тој потенцијал дали и како ќе се вклопи во нашиот национален тим, тоа ќе видиме. Се надевам дека ќе ја зголемите конкуренцијата во нападот“, рече Милевски.
Покрај Растодер, во македонскиот национален тим ќе дебитира и Решат Рамадани од Шкендија, кој беше дел и од Динамо Киев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

