Кој е „крал на слободните удари“: Барди го предизвикува Лео Меси

Може ли Енис Барди да ја продолжи серијата маестрални погодоци и пред очите на најдобриот фудбалер на денешницата, Лионел Меси. Леванте го осигура опстанокот, Барселона веќе ја освои титулата, па шпанските медиуми го најавуваат претстојниот меч меѓу овие два ривали како пресметката на двајцата мајстори за слободни удари во Примера – Енис Барди и Лионел Меси.

 

Аргентинскиот генијалец со шест постигнати погодоци од вакви ситуации е лидер во Примера дивизион, но Барди е зад петите на ѕвездата на Барселона, досега постигнувајќи пет погодоци преку живиот ѕид во противничката мрежа.

Воедно, се потенцира и фактот дека Барди е далеку поефикасен од Меси, со оглед на фактот дека Македонецот петте гола ги постигнал од 16 обиди, додека на Меси за шесте погодоци му биде потребни дури 48 слободни удари во текот на сезоната. Згора на тоа, македонскиот ас неколку месеци воопшто не добиваше шанса во тимот на Леванте, што го оневозможи уште повеќе да ги подобри своите бројки. Кога тренерот конечно му укажа доверба, Барди блесна и постигна три прекрасни погодоци, два против Атлетик Билбао и еден на дуелот со Леганес.

Мечот Леванте – Барселона ќе се игра в недела со почеток во 20.45 часот.

Се вчитува...