Жозе Мурињо дефинитивно ја губи контролата над екипата на Манчестер јунајтед, откако секојдневно се зголемува бројот на играчи кои се незадоволни од работата со португалскиот стратег. Ромелу Лукаку е последниот фудбалер што го кренал гласот против Мурињо, барајќи преку својот агент да му биде дозволено да си замине од „Олд трафорд“.
Лукаку до неодамна и покрај очајната форма ја имаше поддршката на Португалецот, но откако беше преселен на клупата за резерви, белгискиот интернационалец реши дополнително да ја „затресе“ клупата на трофејниот стратег. Неговото тврдење било дека играта на тимот е премногу негативна и дефанзивна, па Лукаку како напаѓач не добивал доволно употребливи топки за да влезе во голгетерски ритам.
Симптоматично е што агент на Лукаку е Мино Раиола, кој воедно е и застапник на Пол Погба (играчот што е во најголема војна со менаџерот на Јунајтед), па јасни се и сомнежите што веднаш се појавија дека токму тој е човекот што го иницира барањето за трансфер на Лукаку.
Нема сомнеж дека ова барање ќе биде одбиено бидејќи „ѓаволите“ нема да дозволат заминување на клучен играч среде сезона, но исто така е сигурно дека со ваквиот развој на настаните уште повеќе ќе се влоши односот меѓу фудбалерите и менаџерот на Манчестер јунајтед. Ваквите ситуации обично се решаваат кога ќе се влезе во победничка серија, страстите стивнуваат, но „црвените ѓаволи“ цела сезона играат топло-ладно, па по само 15 одиграни кола веќе заостануваат огромни 18 бода зад лидерот Манчестер сити.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА