Веселин Вујовиќ од денеска повеќе не е тренер на Вардар, а управата на „црвено-црните“ сака што поскоро да го реши прашањето на негов наследник, кој со „шок-терапија“ би се обидел да го разбуди тимот на претстојното големо дерби на мак-ракометот против Еурофарм Пелистер, што ќе се игра в среда во Битола.
ЕКИПА дознава дека во игра се две опции, и двете странски тренери кои веќе ги понудиле своите услови, а претседателот Михајловски во најскоро време ќе одлучи кому ќе му ја додели „диригентската палка“.
Првиот е Урош Зорман, прославениот словенечки ракометар кој по завршувањето на кариерата извесно време работеше со Талант Душебајев во Киелце, а моментно е шеф на стручниот штаб на Тримо Требње во татковината. Зорман беше блиску до кормилото на Вардар во 2019 година, тогаш „црвено-црните“ не постигнаа договор со Словенецот, но лесно може да се случи тој во наредните денови да пристигне во Скопје на потпис со Михајловски.
Вториот кандидат е Славко Голужа, поранешниот селектор на Хрватска кој моментно е шеф на стручниот штаб на Татран Прешов. Словачкиот состав веќе подолго време има сериозни финансиски проблеми, тоа резултираше и со намалување на амбициите, па Голужа без многу дилеми би пристигнал на чело на македонскиот првак, со кого повторно би бил дел од Лигата на Шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА