Објавата на Арсен Венгер за заминување од Арсенал придонесе веднаш да се почне и со шпекулации со имиња на врвни стратези околу тоа кој од нив ќе го наследи францускиот менаџер на клупата на „топчиите“.
Според британските медиуми, во игра се Брендан Роџерс од Селтик, Фонсека од Шахтјор, Сари од Наполи, Алегри од Јувентус, како и клупските легенди Патрик Виеира и Микел Артета. Сепак, главен фаворит за оваа одговорна функција во обидот да се воскресне Арсенал останува Карло Анчелоти.
Италијанскиот стратег си зеде одмор по отказот од Баерн Минхен и веќе одби неколку понуди, но најави дека е подготвен за нов ангажман за стартот на новата сезона. Тој веќе има една премиерлигашка титула со Челси, зад себе има бројни трофеи и богато искуство што го прават идеален за одговорната задача – да биде наследник на Венгер по 22-те сезони на Французинот на чело на „топчиите“.
Според дел од медиумите, токму интересот на Арсенал бил причина Анчелоти самиот да се повлече од трката за селектор на Италија, а сега кога Венгер го обелодени своето заминување се очекува разговорите да се интензивираат, па и името на новиот стратег да биде објавено уште во текот на оваа сезона. Како што стојат работите, тоа ќе биде Карло Анчелоти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА