Фенербахче е во сериозна резултатска криза, тренерот Филип Коку се наоѓа на излезна врата, а холандскиот стратег многу лесно може да се случи да го следи и Елиф Елмас. Челниците на Фенер стравуваат дека доколку Елмас не е стартер кај новиот тренер неговата вредност на пазарот значително ќе опадне, па затоа сериозно размислуваат да го продадат „македонскиот дијамант“ веќе во јануарскиот преоден рок.
За сума од околу 15 милиони евра тоа нема да им биде никаков проблем, со оглед на реномето на клубовите кои во изминатиот период покажаа сериозен интерес за нашиот интернационалец. Според турските медиуми, трката за Елмас е сериозно разгорена по неговите одлични игри на стартот од сезонава, па неколку врвни стратези веќе дале налог до челниците на своите клубови да испратат официјална понуда за Елиф. Во преден план тука е Пеп Гвардиола, кој и претходно се интересираше за Елмас, како и Диего Симеоне, кој сака да го доведе Македонецот во Атлетико Мадрид.
Борусија Дортмунд беше многу близу до Елмас пред тој да се пресели во Фенербахче, а интересот на „милионерите“ е се уште активен. Тренерот Фавр важи за стратег кој им дава шанси на младите играчи, под негово водство блеска англискиот суперталент Санчо, па раководството на Борусија најавува и нова понуда до Фенер за македонскиот репрезентативец. Бенфика е уште еден клуб познат по тоа дека развива таленти и потоа ги продава како фудбалски ѕвезди, па португалскиот гигант се заинтересира за Елмас по двете одлични партии што овој фудбалер ги имаше против „орлите“ од Лисабон во квалификациите за Лигата на шампионите.
Според турските медиуми, понуди подготвуваат и Спартак Москва и Лион исто така покажуваат интерес, но на овие два клуба им се даваат најмали шанси во трката по Елиф, за кого се најавува дека ќе направи мегатрансфер во клуб од самиот крем на Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

