Одземањето на правото на Вардар во Лигата на Шампионите е главна вест во ракометна Европа во текот на денешниот ден, откако ЕХФ го загуби трпението за „црвено-црните“ и огромните долгови што останаа неподмирени од минатата управа на Вардар на чело на Сергеј Самсоненко.
Лани проблемот беше решен со оставање на депозит од еден милион евра, но проблемот не беше надминат, роковите за раздолжување со ракометарите кои веќе не се дел од клубот од поодамна се пробиени, па ЕХФ реши да пресече и да го исклучи Вардар од елитното европско натпреварување.
Останува дилемата околу тоа кој клуб ќе го заземе местото на Вардар во групната фаза од Лигата на Шампионите, одлука што европската куќа на ракометот ќе ја соопшти за најдоцна десетина дена. Македонија според рејтингот има едно место во ЛШ, па логиката вели дека во ситуација кога шампионот Вардар е суспендиран, тоа место би требало да му припадне на вицепрвакот Еурофарм Пелистер. Сепак, ваквите ослуки во ракометот многу често знае да бидат носени спротивно на логиката и разумот, па затоа и битолчани и покрај надежта за влез во ЛШ не се преголеми оптимисти дека тоа може да се случи.
Многу пореална е опцијата испразнетото место на Вардар да стане достапно преку вајлд-карта што ќе ја додели ЕХФ, нешто за што станало збор и на вчерашниот состанок во Келн на кој било одлучено за казната на „црвено-црните“. Во една таква ситуација, челниците на ЕХФ „навиваат“ за доделување на вајлд-карта на Алборг, данскиот гигант што почна со составување на дрим-тим предводен од Микел Хансен.
Алборг сезонава ја загуби титулата во Данска од ГОГ Гудме, но со оглед на буџетот што го има за новата сезона, големи се шансите токму овој тим да го заземе местото на „вардарци“, на штета на „пелистерци“ и на целокупниот македонски ракомет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА