Поразот на Челси на „Олд трафорд“ значеше и далеку поинтересна завршница на Премиер-лигата, откако предноста на „сините“ што до неодамна беше удобни десет бода, сега е само „плус четири“ во однос на второпласираниот Тотенехем. Згора на тоа, „спарси“ се полни со самодоверба откако и без помошта на најдобриот стрелец Хари Кејн направија победничка серија, па сега кога нивниот главен адут повторно е во тимот, Маурицио Покетино и неговите избраници се цврсто решени до самиот крај да се борат за титулата.
Сепак, таа битка нема да биде нималку лесна бидејќи до крајот на сезоната има само уште шест кола, а распоредот на Челси е далеку полесен од оној на „спарси“. Имено, тимот на Антонио Конте од преостанатите шест средби четири игра на домашен терен, и тоа против три тима од дното на табелата (Мидлсброу, Ватфорд и Сандерленд) како и со Саутемптон како најсилен тим што ќе дојде на „Стемфорд бриџ“. Двете гостувања до крајот на сезонава Челси ќе ги има против Евертон и ВБА, а со капацитет што го поседуваат „сините“ можат дури и да си дозволат еден пораз и да стигнат до титулата, дури и доколку Тотенхем ги добие сите свои преостанати натпревари.
А тоа нема да биде нималку лесно ако се знае дека распоредот на „спарси“ е пеколен во однос на оној на Челси. Тотенхем до крајот на сезонава ќе одигра две дерби средби, на домашен терен против Арсенал и Манчестер јунајтед, што впрочем се и единствените два меча што тимот на Покетино ќе ги одигра на свој терен. Наспроти тоа, следат две гостувања на лондонски дерби дуели, против Кристал палас и Вест хем, а „спарси“ пред крајот на сезоната ќе му гостуваат и на шампионот Лестер, за во последното коло да се сретнат со Хал, тим што води жестока битка за опстанок.
Само за потсетување, според правилата во Англија доколку два тима завршат на делба на првото место со идентичен број на бодови, шампион станува екипата со подобра гол-разлика во текот на сезоната. Тука Тотенхем моментно е во предност со „+46“, во однос на „+38“ што ги има Челси.
ЧЕЛСИ
Саутемптон (д)
Евертон (г)
Мидлсброу (д)
ВБА (Г)
Ватфорд (д)
Сандерленд (д)
ТОТЕНХЕМ
Кристал палас (г)
Арсенал (д)
Вест хем (г)
Манчестер ј. (д)
Лестер (г)
Хал (г)
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА