Роберто Манчини пред помалку од еден месец ја шокираше италијанската јавност поднесувајќи си оставка од функцијата селектор на „аѕурите“. Сега веќе е јасна и причината за ваквиот потег, откако трофејниот стручњак и официјално се договори да стане нов селектор на репрезентацијата на Саудиска Арабија.
Саудијците трошат богатство на странски „ѕвезди“ во својата лига, досега неуспешно се обидуваа да донесат и тренери од највисока класа, што беше повод на Манчини да му се испрати понуда што не може да биде одбиена. Договорот што Италијанецот го потпиша е со важност од четири години, период во кој Роберто Манчини ќе заработи неверојатни 120 милиони долари, плус бонуси во зависност од резултатите на репрезентацијата во овој период.
„Возбуден сум што можам да објавам дека станувам селектор на репрезентацијата на Саудиска Арабија. Чест ми е што сум избран за една така престижна функција, како знак на препознавање на квалитетот на сето она што го работев во изминатите години“, изјави Манчини.
Тој ќе го има своето деби на клупата веќе на 8 септември, кога Саудиска Арабија на „Сент Џејмс Парк“ во Њукасл ќе игра пријателски натпревар со селекцијата на Костарика.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

