Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК гостин е едно од најславните имиња на Вардар, Иван Чупиќ, миленикот на „Комитите“ кој во 2017 година ја донесе европската титула за црвено-црните.
Меѓу бројните теми, Чупиќ одговараше и на прашањето за споредбата меѓу балканските селеции. И зошто Хрватска и Словенија секогаш умеат, па дури Словенците и без пет-шест најдобри ракометари на последното ЕП 2026, да дојдат до самата завршница, а Македонија и Србија и покрај одлични пооделни натпревари на кои покажуваат дека имаат квалитет, не успеваат до крај да демонстрираат континуитет…
„Разликата меѓу Хрватска и Словенија, за мене во овој момент, и меѓу Македонија и Србија е што Македонија и Србија немаат константа во играта. Само тоа. Еден натпревар играат топ, следен натпревар играат слабо, со многу осцилации, а на турнирско натпреварување тоа значи дека нема да поминеш втора фаза или нема да пренесеш бодови. Словенија и Хрватска имаат константа во играта. И тоа е единствената разлика“ – вели Чупиќ и дополнува:
„Ете на последното европско првенство Србија одигра многу добар натпревар со Германија, Македонија многу добар натпревар со Португалија, многу, многу добар. Но, гледаш ден потоа со Австрија, со Романија, дека има некој притисок кој не дозволува континуитет во играта. Е, дали е потребно повеќе време, повеќе големи натпреварувања за да се надмине сето тоа јас не знам. Но, секако, за мене, сите екипи од Балканот, овие четири што играа на Европско првенство, мислим дека задоволија во границите на своите можности.“
Според Чупиќ секој спортист треба да знае дека националниот дрес и притисок кој го чувствуваат што го носат е привилегија е на проблем!
„Проблемот е што, така испаѓа иако не кажувам дека со 100% тоа е, гледано од страна дека се носи некој притисок. Ако нема што да загубиме – летаме, ако има што да загубиме – игра во грч! Така мене ми изгледа од страна. Многу голема разлика е кога притисок имаш и кога немаш притисок. Но, мора да кажам. Притисокот е привилегија, не е проблем! Бидејќи ако јас го носам дресот на Македонија, или на Хрватска, има во него два тона тежина. А тоа е привилегија, бидејќи не може секој да го облече. Десет-петнаесет души можат да го облечат. И ти треба тоа да го разбереш само како привилегија. Мора да се научиш со искуство да играш со тоа и да не ти е бреме, туку тоа да ти е нормално. Е тоа едноставно, во овој момент мислим дека Македонија и Србија го немаат, а Хрватска и Словенија го имаат!“ – вели Чупиќ.
=================================================
ЦЕЛИОТ СПОРТСКИ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ИВАН ЧУПИЌ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

