Екипата на Лацио е вистински хит во Серија А на почетокот од сезоната, по осум кола „лацијалите“ имаат 22 освоени бодови и заедно со Интер се наоѓаат на лидерската позиција иако изминатото лето случувањата околу клубот навестуваа поинакво сценарио.
Бојкотот на навивачите против сопственикот Клаудио Лотито, преспивањето на зимскиот рок и неангажирање на ниту еден играч, заминување на неколку фудбалери и доаѓањето на Џенаро Гатузо за тренер, според италијанските медиуми беа најава за борба за опстанок, но…
Лацио по осум кола има седум победи и едно реми, 16 дадени голови и само пет примени голови.
Медиумите немаат дилеми дека клучен фактор за одличниот старт е Гатузо.
„На почетокот од мојата тренерска кариера се лутев за многу работи кои сметав дека се апсурдни. Но, потоа сфатив дека јас сум тој што греши. Оваа генерација е многу поинаква од претходните, сфаќам дека треба да ги пуштам да бидат тоа што се и барам од нив максимална соработка на два или три клучни концепти“, вели Гатузо.
Тој по именувањето за тренер на фудбалерите им порачал дека сака играчи кои навистина се подготвени да бидат дел од неговиот проект, а кој не сака, вратата за заминување му е отворена.
Им порачал и дека ќе им даде целосна слобода за користење на мобилни телефони, но за возврат побарал од играчите да почитуваат четири негови правила, тоа се:
– Не смее да се доцни на тренинзите.
– На секој тренинг играчите мора да даваат максимум од себе.
– Лојалност, односно се што имаат да си кажат меѓу себе и на Гатузо, тоа да го направат во соблекувалната, а не преку медиумите.
– Грижа за сопственото тело, односно мора да се почитуваат насоките на луѓето од клубот кога станува збор за исхраната и опоравувањето од натпреварите и евентуалните повреди.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
