Коки Аврамовски е нов тренер на Борец

Фудбалерите на Борец од Велес и годинава ќе имаат големи проблеми да го обезбедат опстанокот во единствената Втора лига. По седум одиграни кола немаат ниту еден освоен бод, седум порази, со дури минус 26 негативна гол разлика, и се наоѓаат убедливо на последното место на табелата.

Во целата таа лоша положба, останаа и без тренер, бидејќи од здравствени причини во текот на вчерашниот ден досегашниот шеф на стручниот штаб Благој Петров поднесе оставка. Тој пред самиот почеток на првенството, во една незавидна финансиска положба во клубот, кога дури беше во прашање и настапот во Втората лига, се прифати да го гасне огнот, но не успеа, без соодветни засилувања, речиси со фудбалери од подмладокот, со многу нервози што се одрази и на неговата здравствена положба поради што и поднесе оставка.

Управата на Борец веднаш реагираше, за нов шеф на стручниот штаб е поставен искусниот Никола Аврамовски-Коки, за негов помошник Туш Зефиќ. Во наредните денови ќе биде ангажиран и тренер на голманите.

Дали оваа промена на тренерот ќе донесе и подобри резултати во продолжение на првенството, ќе покаже времето. Меѓутоа, од разговорот со некои луѓе, љубители на фудбалот во Велес, тие не се оптимисти, дека нешто ќе се смени. Едноставно, како што рекоа- без пари нема фудбал. А играчите на Борец, тоа го тврдат, веројатно се и во право, од почетокот на првенството, не е исплатен ниту денар на играчите.

/М.М/

Се вчитува...