Кокошков ја „смени плочата“: На Србија не и треба странец

Новиот селектор на Србија, Игор Кокошков, предизвика бура од реакции во јавноста откако најави дека сериозно треба да се разгледа можноста за вклучување на странски кошаркар во таборот на „орлите“. Кокошков беше дециден дека кога други селекции ги користат правилата за натурализација пропишани од ФИБА, истото треба да го стори и Србија, но по критиките на негова адреса овој стратег ја „промени плочата“ и како што е тоа ред – вината ја посочи… кон новинарите.

„Тоа е само лекција за мене да бидам многу внимателен со формулациите на она што го зборувам. Истовремено, се надевам дека и новинарите ќе бидат многу внимателни кога ги пренесуваат моите изјави. Луѓето го сакаат националниот тим, ја сакаат кошарката, и сите имаме обврска информациите да бидат пренесувани адекватно. Можам да кажам дека во моментов не постои било каков разговор на тема ангажирање на странски кошаркар. На Србија не и треба странец, мораме да се фокусираме на играчите кои се овде, пред нас“ – изјави Кокошков.

Новиот селектор ќе дебитира на клупата на Србија во февруари, на стартот од квалификациите за Евробаскет 2021, против Финска и Грузија.

Се вчитува...