Едуард Кокшаров и дефинитивно седнува на клупата на Вардар, откако во интервју за руските медиуми потврди дека тој ќе биде наследникот на Давид Писонеро на кормилото на „црвено-црните“.
„Тоа е одлука што ја донесе сопственикот Сергеј Самсоненко. Мислам дека незадоволството „вриеше“ извесно време, по што по неуспехот со Кил беше решено да дојде до смена на тренерот. Имавме состанок и се согласивме дека за потрага по нов тренер е потребно подолго време, по што се согласив јас да го водам тимот. Секако, инсистирав во меѓувреме да останам да работам како селектор на Русија“ – изјави Кокшаров во интервју за „Хендбол фаст“.
Делува чудно, но досегашниот тренер Давид Писонеро во иднина ќе му биде прв асистент на Кокшаров.
„Од она што го знам, му биле понудени две опции, да си замине од клубот или да остане како помошник. Тој ја избрал втората варијанта“ – открива новиот стратег на Вардар.
Тој се осврна на главниот проблем на „црвено-црните“ во досегашниот дел од сезоната.
„Она што најмногу пречеше е што исчезна стилот на игра по кој Вардар беше препознатлив. Управата успеа да задржи голем дел од клучните ракометари и затоа требаше да се продолжи по истиот пат. Точно е дека на новите ракометари им треба време за адаптација, но првиот човек на клубот сметаше дека сега е моментот за радикален потег“ – вели Кокшаров.
Прв ривал на Русинот како тренер на Вардар ќе биде европскиот вицепрвак Веспрем, гостување на кое Кокшаров нема време да промени премногу работи во играта на „црвено-црните“.
„Не размислуваме за противникот, туку за сопствената игра. Ќе се обидеме да промениме, да подобриме некои работи. Јасно е дека не може да се направи револуција за неколку дена, моја задача е да не го ограничувам тимот во она што може да го направи. И можеби да поправам одредени нијанси во играта“ – истакна Едуард Кокшаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА