Колапсот ќе го зафати и машкиот Вардар: Егзодус после Келн

И на европскиот првак Вардар му се заканува слично сценарио како и на женскиот тим, разделба со речиси сите професионални ракометари кои беа столб на тимот во изминатите неколку години. Ракометарите добиле јасна порака дека и тие ќе треба да ја разгледаат можноста заминат од клубот, затоа што следната сезона буџетот на клубот ќе биде значително помал.

По женскиот, и машкиот ракометен клуб на Вардар се наоѓа пред целосен колапс откако на играчите им било соопштено дека можат да си бараат нов клуб поради значително намалување на буџетот за наредната натпреварувачка сезона. Од претходно беше најавено дека „црвено-црните“ ќе имаат помалку пари на располагање, впрочем главните ѕвезди веќе си обезбедија трансфери надвор од Скопје, но се чинеше дека „вардарци“ се уште ќе останат со квалитетен тим со кој би се натпреварувале во Лигата на шампионите.

ЕКИПА дознава дека и овие планови во меѓувреме се промениле, откако клубот се решил дополнително да ги намали планираните средства за инвестирање во спортските колективи. На ракометарите веќе им било соопштено дека состојбата во клубот воопшто не е „розова“, со јасна порака секој што има понуда за заминување многу сериозно да ја разгледа истата. Во овој правец e и денешната информација дека Стојанче Стоилов се наоѓа близу до трансфер во Кјелце. Македонскиот ас е икона на „црвено-црните“ во последните години, отсекогаш максимално лојален на „црвено-црното семејство“ и самиот факт дека тој сериозно размислува за заминување доволно говори за лошата ситуација во клубот.

Во моментов погледите на сите во екипата се насочени кон настапот на Ф4 во Келн, а по овој фајналфор турнир се очекува и официјализација на информациите за уште поголем егзодус од таборот на „црвено-црните“. Само за потсетување, веќе е договорено заминувањето од Скопје на Раул Гонзалес, Арпад Штербик, Лука Циндриќ, Мијајло Марсениќ, Илија Абутовиќ, Хорхе Македа и Жоан Канелјас, а во текот на месец јуни по нивни стапки би тргнале и Стоилов, Борозан, Карачиќ…

ЕКИПА прва ја објави и информацијата за женскиот клуб, кога управата ги извести ракометарките дека планира да ги раскине договорите со сите и во иднина да настапува само со играчи од младинската школа. Тогаш по неколкудневен молк раководството потврди дека женскиот клуб врти нов лист. Oстанува да се види каков потег ќе повлечат „црвено-црните“ во следните денови, дали одлуката ќе биде обелоденета пред фајналфор турнирот за да послужи како дополнителен мотив во Келн, или пак по разврската во битката за европската круна.

Се вчитува...