Арсенал официјално го договори левиот бек на Шалке, Сеад Колашинац. 23-годишниот Босанец доаѓа како слободен играч, а во неговиот долгогодишен престој во Лондон ќе заработува 7.5 милиони фунти по сезона, односно 150.000 фунти неделно.
Освојувачите на ФА купот беа поупорни од нивните ривали Сити, Челси и Милан за потписот на бекот, кој ќе треба да ја превземе одговорноста на левата страна од новата 3-4-3 тактика на Венгер. Колашинац во текот на кариерата играл и на позицијата стопер, но и како последен играч за врска пред да се вклопи на позицијата лев бек.
Репрезентативецот на БиХ е производ на фудбалската академија на Шалке, а од 2012 година забележа 94 настапи за сениорскиот тим. Иако како тинејџер ги помина сите младински селекции на Германија, Колашинац одлучи да игра за националниот тим на Босна, дебитира против Аргентина во 2013 година, а од тогаш има одиграно 18 натпревари.
Арсенал пак најверојатно ќе го продаде Киеран Гибс во промовираните Њукасл за сума од 15 милиони фунти. За Англичанецот очигледно нема да има место во тимот, со оглед на тоа дека покрај Колашинац, тука е Начо Монреал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА