Колективот повторно на сцена – Преку Ереван за мирен ноемвриски финиш на Лигата на нациите!

ЕКИПА во Ереван, Ерменија
Владимир Булатовиќ

Македонската репрезентација го игра натпреварот кој може да донесе нов позитивен импулс на нашата репрезентативна сцена со дефинитивно формирање на ликот по кој треба во иднина да биде препознатлив националниоѕ тим. Натпреварот против Ерменија во Ереван во 4. коло од Групата 4 во Ц-Лигата на нации може да го отвори и дефинитивниот пат кон историски пласман на Македонија во Б-лигата на УЕФА, второто по квалитет натпреварување во Лигата на нациите.

Македонија пред шест години го почна својот пат во Лигата на нациите од најдолното ниво Лига-Д, преку која се избори и пласманот на ЕП 2020, за да потоа следат три партиципации во Лигата Ц, а сега е на добар пат за освојување на првото место во групата и место во Лигата Б на УЕФА.

Избраниците на Боби Милевски, по убедливата победа над Летонија во Рига, се свесни дека сега ги чека сосема поразличен предизвик, но се свесни и дека со ново максимално свое издание под Арарат може да означат почеток на новиот пат на репрезентацијата во битката и за пласман на СП 2026. Без желба за насочување на погледите и далеку низ периодот кој следи, факт е дека позитивен резултат од Ереван е повеќе од неопходен и за помирно очекување на последните два ноемвриски натпревари од актуелната групна фаза во Лигата на нациите.

„Не чека тежок противник чија цел исто така е освојување на првото место во групата. Некако судбина ни стана со Ерменија да одлучуваме околу остварувањето на крајните цели изминативе години, па така ќе биде и сега. И претходно кажав дека натпреварите меѓу Македонија и Ерменија ќе одлучуваат за првото место во групата и се уште стојам зад тоа. Пред почетокот на октомврискиот циклус реков дека наша цел е да го задржиме првото место во групата, па тоа е целта и по утрешниот меч. Но, кога се ќе се сумира, како и на секој наш досегашен дуел во групата, најважно е како ние ќе се однесуваме на терен, без разлика кој ни е противник од спротивната страна“ – вели и селекторот Милевски пред денешниот натпревар.

Голманот Столе Димитриевски, пак, посакува неговата мрежа да остане нечепната и трет едноподруго натпревар, што би било првпат трипати по ред во историјата на репрезентативниот фудбал.

„Секој фудбалски натпревар е тежок, нема воопшто лесни противници. Се лажат некои ако мислат дека е лесен натпревар и против Летонија, Фарски острови или било која екипа. Но, јас сакам предизвикувачки натпревари. Овој натпревар можеби е одлучувачки за првото место во групата, па ако со победа го осигуруваме првото место тогаш нека биде и минимална победа од 0-1, но да бидеме први. Сепак, мене најважно ми е да ја сочуваме нашата мрежа. Победите во фудбалот се градат и преку цврстата одбрана“ – вели Димитриевски.

Македонија, во секој случај, знае како е да се победува во Ереван. Сега, веројатно треба да се повтори рецептот од Рига, и со позитивен резултат да се заокружи целта за зачувување на првото место во групата пред последните два ноемвриски натпревари.

Натпреварот меѓу Ерменија и Македонија се игра на републиканскиот стадион „Вазген Саргсјан“ во Ереван со почеток од 18 часот.

Се вчитува...