На денешната прес-конференција на која Вардар официјално го промовираше Горазд Михајлов како нов шеф на стручен штаб, со свое обраќање и вршителот на должноста спортски директор, Влатко Колев кој ја презема одговорноста, заедно со стручниот штаб, околу креацијата на тимот кој пролетва ќе треба да се бори за опстанокот во Првата македонска фудбалска лига.
Колев информираше дека „вардарци“ веќе работат и на ангажман на неколку нови имиња кои ќе бидат соопштени наредниот период.
„Секако нашата цел е опстанок во прволигашкото друштво и верувам дека ќе го оствариме тоа. Во таа насока, во соработка и договор со новиот шеф на стручен штаб секако планираме квалитетни домашни и странски засилувања, но тоа ќе биде објавено во следниот период“ – истакна Колев.
„Би дополнил дека покрај максималниот ангажман околу првиот тим, во наредниот период ќе се обрне сериозно внимание и на младинската школа. Веќе на првите подготовки со првиот тим ќе бидат приклучени пет играчи од младинската школа родени во 2006 година. Токму од младинската школа Вардар во иднина ќе треба да го црпи целокупниот свој квалитет. Веќе и изминатава година имавме одлични резултати во младинската школа, а сега сакаме уште позасилено да продолжиме со тоа“.
Стартот на подготовките на Вардар е закажан утре, 10. јануари. Од 14. јануари Вардар ќе се пресели надвор од Скопје на седумдневни подготовки, а се планираат и финални подготовки надвор од Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

