Колку чини Меси – три опции се во игра

Желбата на Лионел Меси летово да ја напушти Барселона одекна како бомба во фудбалска Европа, па не требаше да мине премногу време за уште повеќе да се интензивираат шпекулациите околу тоа каде Аргентинецот би можел да ја продолжи својата кариера. Тој има клаузула во договорот од неверојатни 700 милиони евра, но јасно е дека Бартомеу ќе мора да попушти и да ја спушти значително оваа сума, уште повеќе ако се знае дека Меси следното лето би можел да си замине бесплатно од „Камп Ноу“. Желба на претседателот на Барселона е да го задржи Аргентинецот, но се очекува на крајот тој да постапи исто како и Флорентино Перез во 2018 година, кога првиот човек на Реал реши да го продаде својот најдобар фудбалер, Кристијано Роналдо, на Јувентус.

„Колку чини Меси“, ова е главното прашање што се поставува во шпанската јавност. Според весникот „Марка“, вредноста на трансферот на Аргентинецот ќе изнесува меѓу 100 и 150 милиони евра, но клубовите заинтересирани за негов ангажман ќе мораат да издвојат 300 милиони евра бидејќи покрај сумата за отштета ќе мора да му понудат и тригодишен договор за плата од 50 милиони евра по сезона, плус богати бонуси. Понатаму во истата анализа се наведува дека само три клубови во Европа се способни да ја покријат оваа сума за мегатрансфер на најдобриот фудбалер на денешницата.

Прв на листата е Интер, клуб чии кинески газди повеќе од една година флертуваат со таткото на Аргентинецот. Италијанските медиуми минатиот месец објавија и дека таткото на Меси купил ексклузивен стан во непосредна близина на стадионот „Џузепе Меаца“. Кинезите не би жалеле пари за да го доведат Меси, а воедно имаат и значаен адут во преговорите, Лаутаро Мартинез би бил испратен во Барселона како дел од овој трансфер.

Манчестер Сити остана без главните трофеи сезонава, а Пеп Гвардиола повторно има богатство на располагање за мегатрансфери. Токму Гвардиола е главниот адут на „граѓаните“ во оваа трка, со оглед на беспрекорната соработка што овој стручњак ја имаше со Аргентинецот во Барселона. Парите никогаш не биле проблем за арапските газди на Манчестер Сити, а англискиот клуб е подготвен во „пакетот“ за Меси да вклучи и најмалку двајца свои фудбалери (младиот дефанзивец Гарсија и Бернардо Силва).

Кругот на клубови способни да го доведат Меси се затвора со финалистот на овогодинешното издание на Лигата на Шампионите, францускиот првак ПСЖ. Голем хендикеп за „светците“ се нарушените односи со раководството на Барселона по трансферот на Нејмар, но не се исклучува можноста токму овој Бразилец да биде испратен во Барселона во директна размена за Аргентинецот. Со тоа, Меси би заиграл во дресот на ПСЖ, што е голема желба на Ал Келаифи, а Барса би добила нова мегаѕвезда која би била лидер на тимот под водство на Куман.

Се вчитува...