Резултатската криза на Манчестер јунајтед уште повеќе се продлабочи со денешниот домашен пораз од Борнмут со 0-3, дуел што речиси сигурно ќе биде последен за Мајкл Карик како предводник на „црвените ѓаволи“.
Заминувањето на Карик е само прашање на време, но повеќе од јасно е дека неговиот наследник ќе има полни раце работа да го врати Јунајтед на посакуваните патеки. Бидејќи бројките на англискиот гигант оваа сезона дефинитивно се загрижувачки.
Манчестер јунајтед освои само седум бода во првите осум натпревари сезонава, со скор од една победа, четири реми и три порази. Тоа е најслаб ефект на клубот во оваа фаза од сезоната уште од 1986 година, кога „ѓаволите“ имаа само четири бода по првите осум рунди.
Oва беше најтежок домашен пораз на Јунајтед од 2024 година, кога исто така загуби од Борнмут со 0-3. Борнмут три пати си има заминувано од „Олд Трафорд“ со победи од по три или повеќе голови разлика. Повеќе од Борнмут вакви победи има само Ливерпул, четири.
Од сезоната 2023/24, ниту еден премиерлигаш немал повеќе домашни порази со три или повеќе голови разлика од Манчестер Јунајтед (вкупно седум).
Јунајтед е без победа на последните осум средби, севкупно во сите натпреварувања (три реми и пет порази), „црна серија“ каква што последен пат англискиот гигант имал пред цели 11 години.
Проблемот се чини многу подлабок само од тренерот, па наследникот на Карик ќе мора да менува многу за да ги избрише овие „црнила“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
