Еден од врвните приоритети на секоја држава е обезбедување на ефикасен систем на спортот кој е основа на подобрувањето на квалитетот на живеење и социјалната инволвираност во општеството, предуслов за здрав начин на живеење и развој на личноста, корисно искористување на слободното време, подобрување на психофизичките способности и работоспособноста, со јасна стратегија и детално утврдени цели. Финансирањето на јавниот интерес во областа на спортот и грижата за спортската инфраструктура се двата основни правци каде државните органи од областа на спортот треба да дадат значајна помош и поддршка во реализирање на спортските програми на надлежните спортски субјекти.
Вложувањата во спортот можеме да ги поделиме на директни и индиректни. Директни се финансиските средства кои се обезбедуваат од страна на државниот буџет и дејности организирани од државата, финансиските средства од единиците на локалната самоуправа, како и од приватни извори во облик на спонзорства и правата кои потекнуваат од тој основ, телевизиски права и слично. Во посебни аналитички концепти како директни се вбројуваат и средствата на домаќинствата кои се однесуваат на потрошувачка на добра и услуги во рамки на спортот, како што е спортска опрема, членарина, влезници за спортски натпревари и слично. Индиректни вложувања се одредени поттикнувачки мерки во даночната политика како данокот на додадена вредност, данокот на добивка на правните лица, придонесите за плати, данокот на имот и слично, поточно од законски утврдени давачки кои се приход на државниот буџет.
Во зависност од “развиеноста” на државата, можностите се различни. Ако ги разгледаме директните и индиректните вложувања во спортот во најсилните земји во ЕУ ќе се судриме со огромни инвестиции кои главно потекнуваат од приватниот сектор, па имајќи предвид дека се тоа информации кои тешко се сумирааат, ќе се задржам исклучиво на финансиските средства вложени во спортот од страна на државата.
Според анализите на Еуростат, просечното државно вложување во спортот во Европа изнесува 100 евра по жител. Државите како Финска и Шведска се меѓу најдарежливите, со 206 и 256 евра по жител, додека Луксембург е на врвот со 492 евра. На дното се Хрватска со 13 и Бугарија со 16 евра по жител на државни вложувања во спортот, речиси осум пати помалку од европскиот просек, а десетици пати помалку од најразвиените.
Агенцијата за млади и спорт како државен орган на управата од областа на спортот, според достапните информации, има годишен државен буџет од 7 милиони евра, со дополнителна индиректна мерка од игрите на среќа кои годишно изнесуваат речиси 3 милиони евра, како и мерката “ваучер” чија реализација е помалку од 2 милиони евра. Вкупните средства кои се вложуваат во спортот изнесуваат 12 милиони евра, или 6-7 евра по жител. Од овие средства Агенција ги подмирува своите трошоци за тековно работење, ги финансира националните спортски програми, државните награди, спортската инфраструктура, младинскиот спорт и организациите на меѓународните спортски манифестации, односно се она што е во рамките на спорт и млади.
Една паралела со две земји кои ни се слични и добро познати:
Висината на финансиските средства кои ги вложува Република Србија во спортот изнесуваат околу 50 милиони евра, во кои се вклучени сите финансирања на национални спортски програми, финансирање во инфраструктурата, финансиските средства од единиците на локалната самоуправа, финансирање на младинскиот и училишен спорт, државни награди и категоризирани спортисти, и имајќи предвид на високите спортски постигнувања, тие се навистина високи.
Министерството за млади и спорт оваа година, по основ на редовните и посебните годишни програми на националните спортски федерации, Олимпискиот комитет на Србија, Параолимпискиот комитет и Спортскиот сојуз на Србија, директно од Буџетот на државата издвои 1 милијарда и 862 милиони динари, односно 15 милиони евра, кои заедно со одреден процент од државната Лотарија го формираат вкупното вложување во спортот. Овој систем е релативно сличен на нашиот, дел од средствата доаѓа од Буџетот на државата, а дел од посебни мерки, при што посебен акцент се става на финансирање на младинскиот спорт и инфраструктурата.
Од државниот буџет на Република Хрватска, за 2019 година, за јавниот интерес во спортот се издвојуваат 336 милиони куни, односно 48 милиони евра, што е импресивно зголемување од речиси една третина во однос на вложувањето во 2016 година. Голем дел од овие средства доаѓаат од државните игри на среќа, односно 35% од истите.
Република Хрватска има специфичен систем на спорт во однос на функционирање на спортските субјекти. Државниот орган е Средишниот државен уред за спорт, кој функционира како секретаријат, додека надлежностите кои ги имаат Министерствата (кај нас Агенцијата за млади и спорт) и се однесуваат на националните спортски федерации ги извршува Хрватскиот олимписки одбор.
Оваа година Република Хрватска донесе свој прв стратешки развоен документ – Национална програма за спорт, кој е основа на спортскиот систем во државата и основа за понатамошно дефинирање и утврдување на јавниот интерес и потреби на пониските слоеви во спортот, а истиот се заснова на шест општи цели: уредување на финансирањето во спортот, унапредување на здравственото и физичко практицирање на спортот и промовирање на спортските вредности, унапредување на грижата за спортистите, рационален пристап кон управувањето и одржувањето на спортската инфраструктура, грижа за стручните кадри и унапредување на системот на управување во спортот.
На прес-конференцијата по повод донесување на стратешкиот развоен документ на хрватскиот спорт, хрватскиот министер за финансии, Здравко Мариќ, изјавува дека Министерството активно бара и пронаоѓа дополнителни нови извори кои ќе го зајакнат системот на финансирање на спортот. На истиот настан заменикот на државниот секретар на Средишниот државен уред за спорт, Крешимир Шамија вели дека се планира воведување на “мрежа на спортски објекти”, национален информациски систем во спортот, анализа на даночниот систем и воведување на даночни олеснувања, дополнително стипендирање при школување на спортистите, како и дополнителна грижа за двојната кариера на спортистите (Бански двори, јануари 2019)
Оттука јасно се гледа како и колку е важен спортот на оваа држава, како истиот се негува и чува, имајќи слика колку е важен за општеството, кој според потпретседателката на Хрватскиот олимписки одбор Сандра Ќорак “спортот е една од движечките сили во општеството, главен промотор на Хрватска, гледајќи како спортските успеси ја мотивираат цела нација”.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА