КОЛУМНА – Низ очите на „Фалангата“: Работев две седмици по 15 часа дневно за да може да дојдам во Виена!

Даниел Цонев дефинитивно е еден од омилените членови на „македонската фаланга“, препознатлив по обоеното лице и леќите во црвено-жолти бои. Македонецот од Кочани кој живее и работи во Швајцарија е фанатик кога станува збор за бодрење на ракометната репрезентација ширум Европа, па така ќе биде и на овој шампионат. Утрово пристигна во Виена, а во колумна за ЕКИПА пишува за гордоста да се биде дел од „Фалангата“… Но, и за направената жртва годинава да може да биде на трибините на „Штадхале“.

———————————————————————————————————————————————————————————————-

Секоја зима иста приказна, доаѓа на ред ново ракометно првенство, па мора да се кројат планови како да се организира патувањето за да се стигне до „местото на настанот“.

Мојата навивачка приказна почна на олимписките квалификации во Гетеборг во 2012 година, а за првпат се нашминкав во стајлингот што сега веќе е препознатлив токму во Виена, пред баражот што Македонија го играше за СП во Шпанија. Оттогаш минав бројни дестинации, од Севилја, Доха, Мец, Минхен… и секое следно искуство задоволството е се поголемо.

Секоја година е се потешко да се организираме, сите сме со различни обврски, но кога нешто се сака толку многу, секогаш се наоѓа начин. Така, годинава имав премногу работни обврски, па се случи 14 дена по ред да работам меѓу 13 и 15 часа дневно. Затоа пак сега можам да си дозволам неколку слободни дена, да бидам повторно на вистинското место, да се најдам на трибините и да уживам во новото искуство.

Затоа што бодрењето на Македонија е многу повеќе од обичен натпревар што трае 60 минути на терен или околу 90 минути на трибини. Тоа е авантура во која се дружиш со сонародници, запознаваш се повеќе и повеќе луѓе со кои делиш и добро и лошо во тие денови додека трае шампионатот.

Ритуалот е ист, во сала мора да се дојде со добро познатиот имиџ, но пред Виена имав два проблеми. Првиот, да се најдат леќи во боите на Македонија, го решив со крајни напори, наоѓајќи ги последните залихи во мојот град. Сега уште да се најде некој во Виена да ме нашминка, но не се грижам, работите секогаш се поклопуваат и завршуваат на добро.

Така ќе биде и овојпат во Австрија, ќе има дружба со „Фалангата“, навивање од срце на трибините, играње со срце на терен. Ќе го славиме секој гол на Лазаров, Манасков, Стоилов, ќе скокаме на секоја одбрана на Борко и на Митревски. И на крајот заедно ќе славиме…!

Се вчитува...