Комеморација полна емоции за Благој Истатов…: Тупурковски, Хаџиевски, Митко Стојковски, Тони Мицевски со збогум за легендата (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Комеморација полна емоции, солзи и сеќавања за едно од најголемите фудбалски имиња кои ги родила Македонија, Благој Истатов денеска одржана во Домот на култура „Антон Панов“ во Струмица.

Неговото најблиско семејство, роднини и пријатели, како и бројни македонски фудбалски лица денеска, пред последното испраќање на Истатов кој вчера почина на 71-годишна возраст, уште еднаш се потсетија на неговата големина како спортист и спортски работник, но пред се како личност. Во присуство на градоначалникот на Струмица, претставници и фудбалери на ФК Беласица, ФК Академија Пандев и на ЖФК Истатов, во присуство на претседателот на МОК, Васил Тупурковски, претставници на ФФМ и Владата на РМ, поранешниот спортски директор на Вардар, Александар Заковски, како и бројни домашни познати фудбалски лица меѓу кои Ѓоко Хаџиевски, Ванчо Балевски, Митко Стојковски, Тони Мицевски, Ванчо Мицевски, Бруно Пресилски и поранешни соиграчи од Беласица…, прв кој се потсети на ликот и делото на Благој Истатов беше Томе Семенков…

„Благој почна како борач, а потоа дојде во Беласица во 1963 година. На сите тогаш, се сеќавам, ни рече: ‘Јас ќе бидам новиот Лав Јашин’. И бидна… Дебитираше против Љуботен на 17 години… Потоа како член на Победа од Прилеп се сеќавам на еден меч безмалку бранеше со гипс на ногата. Непосредно пред еден натпревар самиот го исече гипсот, бранеше и се сеќавам не прими гол. На првиот меч во дресот на Партизан бранеше пред 100.000 гледачи во 1972 година и одбрани пенал. Потоа се беше историја, веќе беше вистинска легенда на тие екс-југословенски простори. По одличните години во Партизан замина во Утрехт, а кога се врати беше и тренер на Беласица па под негово водство влеговме во сојузната лига на СФРЈ. За неговата спортска кариера може да се пишува многу и да се раскажува со денови“ – се потсети Семенков.

Од Благој Истатов се збогуваше и претседателот на МОК, Васил Тупурковски…

„Почит и сочувство до семејството, ја споделуваме тагата со вас за загубата на нашиот Благој. Во 2004 година овде го славевме неговиот живот со промоција на книгата “Благој Истатов – фудбалска легенда”. Сега сме тука да изразиме почит и да кажеме дека легендите живеат вечно. Немаше човек што не го познаваше. Беше позитивен, добра душа, тој беше пример како треба да се живее, насмеан, шеговит… беше неверојатен спортски ас, но пред се голем човек“ – рече Тупурковски.

Од името на сите членови на неговиот матичен клуб ФК Беласица се збогуваше актуелниот претседател Славчо Василев – Пинда, а во името на ФФМ, свое последно збогум искажа и членот на УО на ФФМ, Добре Иванов.

„Најмлад сум од сите соговорници. Можам да кажам дека првиот човек што го побарав кога се одлучив пред неколку години да ја преземам Беласица беше Благој Истатов. Не размислуваше ниту една минута и се нафати да помогне максимално. Тој толку многу ја сакаше Беласица. Вечно ќе го паметиме“ – рече Славчо Василев – Пинда.

Погребот на Благој Истатов во Струмица ќе биде на Градските гробишта од 14 часот.

 

Се вчитува...