Спортска Македонија со комеморативна седница во организација на Македонскиот олимписки комитет денеска се збогуваше со едно од најголемите спортски имиња во нашата историја, Насе Насев кој почина на 2. септември на 80-годишна возраст.
На комеморацијата која се одржа во конференциската сала во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, со свои сеќавање на ликот и делото на Насе Насев потсетија претседателот на МОК, Даниел Димевски, поранешниот претседател на Македонскиот олимписки комитет и негов долгогодишен соработник, д-р Васил Тупурковски како и спортскиот мецена, долгогодишен финансиер на борењето, Ванќо Чифлиганец.
Уште еднаш беше потсетено на името на Насев, долгогодишен селектор на репрезентацијата на поранешна Југославија во најславните нејзини времиња, како и селектор на македонската репрезентација по независноста на земјата, кој и тоа како го задолжи македонскиот спорт, оставајќи силна трага. Насев, кој беше учесник на десет Летни олимписки игри, како селектор и како спортски директор на Македонскиот олимписки комитет, е творец и на легендарните имиња на македонското борење кои ја прославија Македонија, како Шабан Трстена, Шабан Сејдиу, и многу други. Како спортски директор на МОК и под негово раководство, освоен е и првиот олимписки медал од осамостојувањето на Македонија (бронзениот медал на борачот Могамед Ибрагимов, на ЛОИ 2000 во Сиднеј).
За својата работа и ангажман во борењето се здоби со Трофеј и Златен беџ на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК). Во 1997 година доби место меѓу великаните на Македонскиот олимписки комитет (МОК), а на 23. јуни оваа година го доби и највисокото признание од државата од страна на претседателот Стево Пендаровски кој го одликуваше со Медал за заслуги за Македонија за траен белег на спортските терени и огромниот придонес за афирмација на македонскиот спорт и држава.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА