Да не се лажеме, ова фијаско што ни се случи беше неизбежно поради очајната работа на секое ниво во македонскиот кошаркарски спорт со години наназад. Знаевме дека реално не сме четврти во Европа по Евробаскет 2013, но сепак превисоко летнавме… а кој високо лета, после најболно „треснува на земја“.
НЕМАЊЕ систем на работа
Едно нешто што никогаш не сме го имале, а што сега ни се удира од глава е „Систем или долгорочен план за работа“ кога станува збор за националниот тим. Петнаесет години наназад ни се повторува истото, два месеци пред подготовки се молат играчи да „помогнат само уште ова лето“… дур не дојде следното, па и тогаш пак да ги молиме. Примери низ минатото има многу, и логично е секој од нив во еден момент да каже ДОСТА Е. Ние навистина немаме преголем ростер и секое отсуство претставува голем удар за националниот тим, но многу поголем проблем е непродуцирањето на млади играчи. Сечија кариера мора еден ден да заврши, пред залезот речиси сите (исклучоци ширум Европа се бројат на една рака) се откажуваат од репрезентацијата за да одиграат година две плус на клупски план. Но, кога нема кој да ги замени, не говориме за квалитет, туку буквално нема играчи, тоа веќе е проблем.
Клубови со политички концепт
Точно е, во даден момент општините како главни акционери спречија бројни клубови да пропаднат и целосно да исчезнат од кошаркарската мапа, но во последните години сето тоа зеде премногу погрешен замав.
Општинските буџети со по некој спонзор (и тој најчесто најден од градоначалниците) се трошат еднократно, најчесто на едногодишни договори, па кога сезоната ќе заврши ефектот е еднаков на нула – кој освоил трофеј, освоил, кој создал играч може експресно да го загуби ако некој му понуди 100 евра повеќе (без клубот што го направил да добие било каква отштета), ако некој странец одигра на ниво веднаш оди во поголема лига… и така во недоглед. А во меѓувреме, во име на тој концепт се смени еден претседател, а се направи и неуспешен обид за смена на друг.
Лично, во препирките на тема „број на странци во мак-баскетот“ најмногу ми пречеше инсистирањето на клубовите да се пребројат домашните играчи – со ставот „немаме доволно Македонци, или пак бараат многу пари, па затоа земаме странци“.
Тоа е најлесно, кажи дека нема или дека не може – земи направи го… ако знаеш како.
Кошаркарите по пари, а не по минутажа
Од вина не може да се изолираат ниту самите кошаркари, кои во голем број на случаите тргнуваат по парите, наместо по минутите на теренот.
Има случаи клубови да бараат македонски играчи, но тие ладно ги одбивале бидејќи не им била израмнета платата од „поголемите екипи“, иако се свесни дека таму времето ќе им мине во аплаузи од клупа и додавање на пешкири на странците. Никој не гледа долгорочно, на кревање на квалитетот, а потоа и наплата на истиот.
Да бидеме реални, заработувачката во мак-баскетот и за домашните играчи како и за странците (па Хрватите и Србите не доаѓаат овде бидејќи сме добри како народ) е нереално висока во сразмер со висината на квалитетот… На една рака може да се избројат репрезентативците што можат да остварат трансфер во странство и да дојдат до значителна заработувачка. На оние другите, одлично им легнува плата неколку пати повисока од просечната во Македонија, за ниво на спорт под она во Косово и во Естонија.
Селектор, ама „добар“
Петар Наумоски има специфични барања кога е во потрага по нов селектор. Бараше тренер што е добар кошаркарски филозоф и демагог, па го најде Драган Раца. Ја увиде грешката, па сега бараше тренер што е добар човек, „народен човек“ – и го избра Јорданчо Давитков.
Екс-селекторот се врати во Македонија за да помогне, а на Наумоски одлично му влезе во шемите поради фактот дека Давитков е „добар“ со сите кошаркари кои претходно одбиваа да настапат. Стратегот стори што можеше, му „упали“ со Чековски и со Тасовски, за директор го донесе и Гечевски, но не успеа кај она најзначајното – Перо Антиќ. „Битниот“ и „небитниот“ се поздравија, Перо призна дека дошол поради селекторот и играчите, но сепак не заигра во овие претквалификации.
Вината за неуспехот не треба да се бара директно кај него, но Давитков се врати со реноме на шампионски тренер пред заминувањето од Македонија, а за жал се покажа недоволно добар за да ја мине пречката во овој циклус. Договорот му завршува бидејќи ќе се продолжеше само доколку ги минавме претквалификациите, кој ќе биде следниот, бидејќи претквалификациите за Евробаскет 2021 ги почнуваме веќе во ноември.
Потрагата ќе почне наскоро, но што ли ќе подразбира МКФ под „добар селектор“ при следниот избор? Затоа што онаков, суштински добар – имавме пред да дојде Наумоски – во Александар Џикиќ.
5. Култ кон репрезентацијата
Репрезентацијата мора да биде светост во секој спорт, но тој култ мора макотрпно да се гради низ годините… за оние помладите да знаат дека ќе дојдат нивните пет минути на блесок на сениорско ниво. Кај нас, дојде време суперталентот Ненад Димитријевиќ да заигра во сениорскиот состав – и ОДБИ. Пред неколку години Кристијан Николов се откажа од македонскиот пасош и најави камбек штом си замине тогашното раководство. Минаа три години, летово следеа „пазарења“ дали ќе се приклучи и колку би играл – и на крајот ОДБИ да настапува за Македонија.
Кога некој како Антиќ (претходно Гечевски, Илиевски…) ќе објави дека му е потребно време за одмор и посветување на семејството, треба да се разбере. Но кога оние најмладите не гледаат на националниот тим како на светост, тогаш е и повеќе од јасно дека имаме проблем.
И Димитријевиќ и Николов апсолутно не се во право со своите одлуки, овој првиот најверојатно ќе биде и казнет во постапката на МКФ преку ФИБА против него, но што има од тоа мак-баскетот. Лани беше казнет и Перо Антиќ, а Македонија не се пласираше на Евробаскет 2017. Годинава тоа најверојатно ќе му се случи на Димтријевиќ, а ние тонеме се подлабоко.
Јасно е дека „челична дисциплина“ не е лекот, а методите мора да се менуваат. Нека почне прво од прекин на доведување на Американци на плејмејкерската позиција, бидејќи реално таа е единствената на која сме добро покриени за во иднина. Лестер Бо Мекејлеб беше еден и единствен, доста веќе бараме негови наследници преку Атлантикот, кога реално многу поголема помош ни е потребна во битката под обрачите.
6. Македонска Кошаркарска Федерација
Случајно или не, падот на репрезентативната кошарка се поклопува со самото доаѓање на Петар Наумоски на функцијата претседател на МКФ. Пред неговото доаѓање бевме селекција со обезбеден пласман на Евробаскет 2015, нешто повеќе од две години подоцна сме во друштво на Андора, Гибралтар, Албанија, Ерменија…
Смешна е неговата изјава дека проблемите се подлабоки, а дека МКФ како федерација сторила се што можела за нормален тек на подготовки и на натпревари. До пред две-три години се подготвувавме со Шпанија, Германија, Грција, сега со автобус ни пристигна БиХ, заедно со Португалија и Холандија. Какви подготовки за натпревари како федерација: Смешната одлука да не се продаваат билети за дуелот со Косово, откако МКФ претходно самата ја избра „Борис Трајковски“ за домаќин на тој меч.
Хендрикс за нив не беше доволно добар во Загреб, но затоа изборот на Ромео Тревис е еден од најлошите во историјата. Џордан Теодор покажа дека има квалитет, но за индивидуална статистика, не за колектив што треба да претставува националниот тим. А и тој беше избран пред Давитков да биде именуван за нов селектор. И уште нешто, што треба да селектира селекторот, кога му се избира и странскиот играч, но и двајцата први помошници, а знаеме дека играчите се тие што се (десетина на број).
7. ЧАРЕ
Прво и основно, да прифатиме дека сме „жива тапа“. Дека ова што ни се случи со сениорите ни е реалност со години наназад во младинска категорија и беше само прашање на време кога ќе ни се . А од каде ќе ни доаѓаат новите репрезентативци – од селекциите кои се во дното на Б дивизиите во своите возрасни категории.
Штом ја прифатиме реалноста – треба да се засукаат ракавите и да се почне со работа. Ама од почеток, од најмлади категории. А клубовите од политички да почнат спортски концепт, за приближување до децата и враќање на љубовта кон кошарката кај нив.
Место да се троши на едногодишни договори на странци, но и на нереално високи суми за македонски играчи, нека се вложат парите во младински школи. Ама вистински да се вложат, во тренери кои знаат како се „вадат деца“. Ако ги немаме во Македонија, да ги донесеме од регионот, да ги платиме колку што треба, затоа што пари очигледно во мак-баскетот не се толку проблем колку што е визијата за иднината. А за децата да станат кошаркари мора да играат порано, не да греат клупи, нема друго.
И тогаш, само тогаш… може да очекуваме помрднување на подобро, за пет, шест или повеќе години. Точно е, тоа е подолго време од еден градоначалнички мандат, но нели за спорт говориме, а не за политика.
Затоа што не сме огромна држава, па не е срамота да имаме и „црни дупки“. Ракометарите со години чекаа нова генерација и ја дочекаа, ете и во фудбал се најдоа млади херои кои веќе влегоа и во сениорскиот национален тим. Но само со правилен концепт, клупски и во федерацијата. Се останато е продавање на ветер и магла, нешто што го прават и МКФ и речиси сите прволигаши.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА